Дваесет и две лица сè уште се водат како исчезнати по вчерашниот руски напад врз Тернопил
- Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека 22 лица сè уште се водат како исчезнати по вчерашниот руски воздушен напад врз градот Тернопил во западна Украина, во кој загинаа 26 лица, а беа повредени повеќе од 90.
Киев, 20 ноември 2025 (МИА) – Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека 22 лица сè уште се водат како исчезнати по вчерашниот руски воздушен напад врз градот Тернопил во западна Украина, во кој загинаа 26 лица, а беа повредени повеќе од 90.
Русија вчера го нападна градот Тернопил и неговата околина со борбени дронови и ракети, при што беа погодени две високи станбени згради.
- Нашите спасувачи работеа цела ноќ во Тернопил, а спасувачките операции продолжуваат. Дваесет и две лица сè уште се водат како исчезнати и по нив се трага. Повеќе од 230 спасувачи од 9 области во Украина се мобилизирани во градот, напиша Зеленски на социјалните мрежи.
Тој појасни дека поради тешките разурнувања и нестабилноста на зградите, работата може да се врши само рачно во некои области, што ја отежнува потрагата по преживеани.
- Од суштинско значење е нашиот народ да знае, особено во вакви тешки денови, дека и покрај руските напади и нивниот ужас, може да смета на помош и спасување, нагласи украинскиот претседател. јт/
Фото: ЕПА