• петок, 05 декември 2025

Германскиот парламент денеска ќе гласа за спорната пензиска реформа

Германскиот парламент денеска ќе гласа за спорната пензиска реформа

Берлин, 5 декември 2025 (МИА) - Германскиот парламент, Бундестагот, денеска, по месеци политички препирки, треба да гласа за пакетот пензиски реформи предложен од владината коалиција на канцеларот Фридрих Мерц, јави ДПА.

Исходот треба да биде познат кратко по 13 часот. Еден од трите предложени закони наиде на отпор од делови од конзервативната парламентарна група на Мерц. Имено, младинското крило на конзервативниот блок се закани дека ќе гласа против, наведувајќи го како причина стравот од идните трошоци што ќе достигнат милијарди евра.

Пратениците денеска, наведе ДПА, поименично ќе се изјаснуваат за контроверзниот закон за стабилизирање на пензиите и проширување на мајчинските пензии.

Сите очи се насочени кон тоа дали коалицијата на канцеларот Мерц - составена од неговата Христијанско-демократска унија (ЦДУ), Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) од Баварија и Социјалдемократите (СПД) - ќе може да обезбеди мнозинство.

Внатрешното несогласување во блокот ЦДУ/ЦСУ би можело да го попречи гласањето.

Дури и доколку неколку пратеници од коалицијата излезат од партиските стеги, мнозинство за донесување на законите останува математички можно бидејќи партијата Левица соопшти дека планира да се воздржи, а воздржаните не се сметаат за прагот на просто мнозинство.

Пред денешното гласање Мерц доцна синоќа изјави дека има за цел да обезбеди апсолутно мнозинство од гласовите на неговата коалиција - резултат што често се нарекува „канцеларско мнозинство“.

Двата други закона за пензии - зголемување на професионалните пензии и нудење даночни олеснувања за работа по возраста за пензионирање - не се оспорени во рамките на коалицијата.сд/јт/

фото:МИА архива

Остани поврзан