• петок, 05 декември 2025

Герасимовски: Отстранета дивоградба на улица „Орце Николов“, продолжуваме со расчистување на бесправните објекти

Герасимовски: Отстранета дивоградба на улица „Орце Николов“, продолжуваме  со расчистување на бесправните објекти

Скопје, 28 ноември 2025 (МИА) - Во рамки на обемната акција за отстранување дивоградби, Општина Центар ја урнала нелегалната доградба на деловен објект на улица „Орце Николов“ бр. 139 во Дебар Маало.

Како што информираат од прес-службата на Општина Центар, конструкцијата со димензии 15 x 5,7 метри била изградена без одобрение за градење и го узурпирала заедничкиот простор предвиден за граѓаните.

-Јавните површини  во Центар им припаѓаат на сите граѓани и нема да дозволиме да се претвораат во приватни имоти поради самоволие на поединци. Секој бесправно изграден или незаконски поставен објект ќе биде санкциониран со соодветни решенија и постапки за негово отстранување, порача градоначалникот Горан Герасимовски.

Од општината информираат дека градежниот инспектор издал решение со кое на инвеститорот „Екотон  Дизајн“ му било наложено да ја отстрани нелегалната доградба и бидејќи инвеститорот не постапил по решението и по неколкуте опомени, општинските служби ја отстраниле бесправно изградената конструкција.

-Општина Центар спроведува континуирана акција за воспоставување ред на јавните површини, со засилени инспекциски контроли и активности за расчистување на нелегално поставени објекти. Целта е заштита на јавниот интерес и враќање на просторот на граѓаните, како дел од пошироката стратегија за уредување и подобрување на урбаниот простор во општината, посочуваат од Општина Центар. фф/са/

Фото: Општина Центар

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан