• среда, 10 декември 2025

Во македонскиот КЦ во Тирана промовирана книгата „Два корена, едно творештво” на Кимет Фетаху

Во македонскиот КЦ во Тирана промовирана книгата „Два корена, едно творештво” на Кимет Фетаху

Тирана, 10 декември 2025 (МИА) - Во просториите на македонскиот културен  центар во Тирана, синоќа се одржа промоција на книгата „Два корена, едно творештво” на авторот проф. д-р Кимет Фетаху. 

На промоцијата покрај поголем број Македонци присуствуваше и Љуфтим Спахиу, вршител на должноста македонски амбасадор во Тирана.

-Овој мој труд е од голема важност бидејќи е посветен на творештвото на автори со македонско потекло во Албанија и нивниот придонес во албанската литература. Во суштина претставува почит кон културното наследство, потврда за литературниот идентитет и обид за заштита на литературниот глас на македонските корени во Албанија, рече Фетаху за МИА.

Упати благодарност до Комитетот за национални малцинства, орган на албанската влада кој  финансиски го поддржал издавањето на ова дело. 

Од Македонскиот КЦ  нагласуваат дека и понатаму ја издвојуваат соработката со македонското малцинство како една од најважните свои мисии. 

-Оваа промоција е доказ за тоа, но и поттик уште повеќе да ја негуваме својата традиција и гордо да ја пренесуваме на следните генерации, додаваат од КЦ.

Кимет Фетаху (70) е академик, доктор на науки, универзитетски професор и голем активист за правата на македонското малцинство во Албанија. Тој е Македонец по потекло од село Требиште, област Голо Брдо, еден од основачите на македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), пред две години беше прогласен за почесен претседател на партијата. 

По неговите стапки продолжува и неговиот син Ендрит Фетаху, кој моментно е потпретседател на МАЕИ. вт/

Фото: Фетаху ФБ

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан