• сабота, 22 февруари 2025

Во Дебар лани прибрани 303 крвни единици, во помалиот број влијае миграцијата

Во Дебар лани прибрани 303 крвни единици, во помалиот број влијае миграцијата

Дебар, 6 февруари 2025 (МИА) - Дебарската општинска организација на Црвен крст информираше дека минатата година во двете општини, кои ги покрива со својата активност, Дебар и Центар Жупа, прибрани се вкупно 303 крвни единици, што е за 50 помалку споредено со претходната година.

-Во соработка со Институтот за трансфузиона медицина, минатата година реализиравме седум акции за доброволно крводарување, во кои, како и дадени едници во итни случаи, се прибрани 303 крвни единици, што е за 50 помалку во однос на претходната, но, стотина  помалку споредено со 2022 година. Тоа како последица на масовната миграција во нашиот регион, од каде во светот заминаа многу редовни крводарители, но и млади кои се потенцијал да станат доброволни крводарители, изјави за МИА, Исни Телќиу, секретар на организацијата.

Спорд него, иако има намалување на бројот на собрани крвни единици, Дебар останува во општините со високи бројки на доброволни крводарители. 

-Ако се земе предвид бројот на жители, тогаш може да се каже дека сме задоволни. Можеме да го нагласиме како позитивен момент фактот што продолжува да се зголемува бројот на млади крводарители, бидејќи пред една-две деценија доминираа повозрасни крводарители, вели Телќиу.

Додава дека влијание има и непостоењето на кабинет за трансфузиологија  при Општата болница со проширена дејност во Дебар, кој функционираше пред повеќе од две децении.

-Доколку функционира кабинет сите оние кои добиваат лекарска препорака дека треба да даруваат крв или покажат лична подготвеност за тоа, ќе може тука да ја подадат раката и да ја даруваат течноста што живот значи. Вака треба да патуваат до некој од соседните градови, оценува Телќиу.

До пред една деценија во Дебар се прибираа и до 800 крвни единици, но последните години просечно тоа е 300 до 400. вт/са/ 

Фото: МИА

Остани поврзан