Белгискиот МВР се предомисли, Федералната полиција ќе продолжи да го обезбедува еврејскиот кварт во Антверпен
- Федералните полицајци задолжени за обезбедување на еврејскиот кварт во Антверпен ќе продолжат да ги извршуваат своите должности и во наредниот период, информира антверпенската градоначалничка Елс ван Дусбург.
Брисел, 2 јануари 2026 (МИА) – Федералните полицајци задолжени за обезбедување на еврејскиот кварт во Антверпен ќе продолжат да ги извршуваат своите должности и во наредниот период, информира антверпенската градоначалничка Елс ван Дусбург.
Според белгискиот јавен радиодифузен сервис ВРТ, ваквиот развој на настаните следи откако министерот за внатрешни работи на Белгија, Бернар Квинтан ја отповика својата одлука од 16 декември, која предвидуваше федералните полициски агенти што го обезбедуваат еврејскиот кварт да бидат повлечени од терен на 1 јануари.
Еврејскиот кварт во Антверпен е под засилено обезбедување на федералната и локалната полиција од 2014 година, по неколкуте антисемитски мотивирани напади.
Одлуката на Квинтан за повлекување на федералната полиција наиде на критики на Ван Дусбург, која инаку е сопартијка на белгискиот премиер Барт де Вевер и негова наследничка на позицијата градоначалник на Антверпен.
- Безбедноста на еврејскиот кварт ја осигуруваат федерални службеници, заедно со локални. Соодносот меѓу федералните и локалните сили е 50-50. Тоа ќе значи така одеднаш половина од полициските припадници ќе исчезнат, изјави Ван Дусбург минатиот месец по објавувањето на одлуката на Квинтан.
Квинтан, кој е член на либералното Реформско движење (РМ), втора по големина партија во владината коалиција предводена од Новата фламанска алијанса (Н-ВА) на Де Вевер, тогаш тврдеше дека станува збор за „привремена безбедносна мерка“.
Според него, на местото на федералните полицајци наскоро би можеле да бидат распоредени припадници на белгиската Армија, бидејќи со новиот закон за безбедност, ќе биде овозможено вклучување на Вооружените сили во безбедносни операции на територијата на земјата.
Сепак, Ван Дусбург денеска во изјава за државното Радио 1 потврди дека федералните полицајци ќе останат на своите места.
- Многу ми е драго што министерот одлучи дека сè ќе остане како што е, сè додека не се создаде можност да се распореди воен персонал, рече Ван Дусбург.
Според неа, гарантирањето на безбедноста на еврејскиот кварт е нешто што ги надминува капацитетите на локалните власти и тоа мора да го прават во соработка со федералната полиција и Министерството за одбрана.
- Сфаќам дека капацитетот на федералната полиција е ограничен, но важно е полицијата да остане стационирана во квартот, додаде Ван Дусбург. сп/ссм/
Фото: Принскрин ВРТ