• сабота, 27 јули 2024

Џон Илија Апелгрен: „Забранети луѓе“ се солидаризира со музичарите кои беа „забранети“ за време на пандемијата

Џон Илија Апелгрен: „Забранети луѓе“ се солидаризира со музичарите кои беа „забранети“ за време на пандемијата
Скопје, 23 јуни 2022 (МИА) - „Забранети луѓе“ е пишан документ што претставува едноставен, но прецизен одговор на она што ни се случи и како се справувавме со пандемијата со Ковид-19 како поединци и како општество. Во период на присилно мирување, секој креативен ум бара начин да ја канализира креативната енергија што извира од него, истакна џез-вокалист Џон Илија Апелгрен на синоќешната промоција на оваа негова прва книга. Ова негово дело е своевидно сведоштво за незавидната состојба на дел од џез- и рок-музичарите за време на пандемијата со Ковид-19.–  Свесни сме дека имавме пандемија и дека застана цел свет. Но, исто така, сме свесни дека некои држави беа спремни да обезбедат егзистенција на оние на кои им забранија да работат во одреден период.Освен оваа книга, развивам идеи за два телевизиски и три музички проекти, како и идеја за долгометражен филм, изјави Апелгрен, кој на промоцијата одржа настап со џез-пијанистот Гордан Спасовски.Во книгата се застапени портрети на 14 домашни музичари, чија главна егзистенција се ноќните свирки и настапите во живо во локали, кои беа забранети за време на карантините и мерките за заштита за време на пандемијата. Меѓу нив се Благоја Антовски (тапани), Игор Атанасоски-Харе (гитара), Трајче Велков (труба), Калина Велковска-Кали (вокал), Зоран Костадиновски (гитара), Крле (вокал), Кирил Кузманов (саксофон), Џоле Максимовски (бас-гитарист), Андреа Мирческа (контрабас), Иван Петровски (гитара), Полина Тасева (сопран), Петар Ренџов (гитара), Гордан Спасовски (пијано), Арбен Бени Шаќири (вокал), како и самиот Апелгрен.Како што посочи авторот, идејата беше со портрети да опфати не само џез-музичари туку и колеги кои негуваат рок, поп, блуз и други стилови на музика. -Важно ми беше да бидеме застапени сите, а низ нашите биографии публиката да се запознае со нас, непосредно. Преку нашите одговори на поставените прашања, пак, сакавме да дадеме краток увид во нашата состојба тогаш и на нашите надежи кон иднината. Снимањето се одвиваше во студиото на Гоце Стевковски... Читајќи ги одговорите на сите музичари вклучени во книгата сфаќам дека сите ние сме со музиката затоа што некаква мистериозна желба ни тече низ вените за да се изразуваме музички, а поголемиот дел од нас на иднината гледаат со претпазлив ентузијазам. Кризата нѐ погоди сите до еден, некои од нас сосем се предадоа на активизам за промена на статус кво ситуацијата што ни тежеше, други се снаоѓаа и привремено работеа тоа што можеа, трети ја напуштија музиката, додаде авторот.Апелгрен, покрај тоа што е автор на книгата, се јавува и како фотограф на црно-белите портрети на музичарите. – Со фотографија се занимавам од поодамна. Љубовта ми се роди во Англија, кога го добив првиот фотоапарат „Пентакс асахи“, во 1989 година... Во моментот кога замреа микрофоните, силно ми зазвучи тишината во животот на „забранетите“, а фотографијата ми се виде како најсоодветна за „заробување“ на таа тишина во фотографиите и решив да ја раскажам нашата приказна на овој начин, објаснува тој. Предговорите ги напишаа еминетните музички новинари Бранка Костиќ-Марковиќ и Ненад Георгиевски, како и познатиот фотограф Драги Неделчевски.Објавувањето на книгата има солидарен, односно хуман аспект, за поддршка на музичарите чиишто ангажмани беа на најголем удар за време на пандемијата. Со купување примерок од „Забранети луѓе“ им се помага токму ним – на забранетите луѓе.бт/са/

Остани поврзан