• недела, 22 декември 2024

Џафери - Хасани: По завршувањето на скрининг процесот, Северна Македонија и Албанија подготвени да ја забрзаат евроинтеграцијата

Џафери - Хасани: По завршувањето на скрининг процесот, Северна Македонија и Албанија подготвени да ја забрзаат евроинтеграцијата

Скопје, 17 јануари 2024 (МИА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери денеска оствари средба со  министерот за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Игли Хасани во рамки на неговата официјална посетата на земјава.

Како што информира собраниската прес-служба, Џафери истакна дека Република Северна Македонија и Република Албанија споделуваат заеднички цели и интереси на надворешно-политички план во врска со членството во Европската унија, соработката во рамките на НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка. Интензитетот на реализирани билатерални посети на сите нивоа, според Џафери, е еден од најдобрите показатели за одличните односи меѓу двете држави.

-Претседателот на Собранието нагласи дека двете земји меѓусебно се поддржуваат на сите полиња, а по завршувањето на скрининг процесот се подготвени да ја забрзаат својата европска интеграција. Тој го подвлече исклучителното значење на меѓусебното поврзување и нагласи дека изградбата на Коридорот 8 останува приоритет во соработката. Џафери се осврна на претседавањето на Република Северна Македонија со најголемата регионална безбедносна организација ОБСЕ во 2023 година и на тековното претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, што претставува можност за дополнителни средби и натамошно унапредување на соработката, како меѓу двете земји, така и меѓу двете собранија, се наведува во соопштението.

Министерот Хасани нагласи дека одличните билатерални односи меѓу Република Албанија и Република Северна Македонија се карактеризираат со интензивен политички дијалог и соработка во значителен број области од заемен интерес. Осврнувајќи се на евроинтеграциите, Хасани истакна дека двете земји покажаа посебна посветеност и остварија впечатливи резултати во скрининг процесот, со меѓусебно поддржување и потпомагање. Тој оцени дека со успешното претседавање со ОБСЕ и со другите регионални иницијативи Северна Македонија се докажа како сериозен меѓународен партнер. Истовремено, изрази надеж дека претстојните изброри во земјата нема да донесат промена во посветеноста кон европската иднина.

-Хасани упати честитки до Џафери кој е предложен за прв премиер Албанец во историјата на Северна Македонија и оцени дека ова претставува потврда на напредокот што го има остварено земјата, како и на конструктивната улога на Албанците во Северна Македонија во политичките процеси и стабилноста на земјата и регионот, информира собраниската прес-служба.

Џафери и Хасани оценија дека се потребни дополнителни напори за продлабочување на економската соработка, која заостанува зад реалните можности на двете држави. Изразија уверување дека долгогодишното партнерство меѓу Северна Македонија и Албанија, како и позитивниот тренд во развојот на билатералните односи и соработката во повеќе сфери од заемен интерес и натаму ќе се унапредува. мч/аа/

фото: Собрание на РСМ

Остани поврзан