• среда, 15 мај 2024

Џафери - Османи: Поддршка од Северна Македонија за евроатлантските аспирации на Косово 

Џафери - Османи: Поддршка од Северна Македонија за евроатлантските аспирации на Косово 

Скопје, 15 април 2024 (МИА) - Техничкиот премиер Талат Џафери денеска, во рамки на учеството на конференцијата „Меѓународен форум за жени, мир и безбедност“ во Приштина, оствари средба со претседателката на Република Косово, Вјоса Османи-Садриу. 

Како што соопшто владината прес-служба, во фокусот беа билатералните односи меѓу Северна Македонија и Косово, како и можностите за нивно унапредување, во сите области од заемен интерес.

Стана збор и за актуелните предизвици на регионален и мултилатерален план, поврзани со безбедносната состојба и економскиот напредок на регионот и пошироко. Премиерот Џафери и Османи заеднички констатираа дека мирното решавање на отворените прашања на Западен Балкан треба да биде апсолутен императив за сите.

Техничкиот премиер го реафирмираше ставот дека Северна Македонија во духот на добрососедството, дава поддршка на евроатланските аспирации на Косово, како и поддршка за активно приклучување на Косово во постојани форуми и регионални иницијативи. 

Соговорниците разменија мислења за целосна интеграција на сите земји од регионот на Западен Балкан во ЕУ, потенцирајќи дека тоа значи сигурност, стабилност и севкупен напредок за сите граѓани. Во оваа насока, Џафери истакна дека нашата држава, како членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ, е подготвена да ги стави стекнатите знаења и искуства на располагање на Косово. Тој потенцираше дека Северна Македонија ги следи состојбите меѓу Приштина и Белград и го подржува дијалогот, истакнувајќи дека е потребна конструктивност од двете страни и дека Косово и Србија треба да ги исполнат преземените обврски од Брисел и Охрид. мч/са/

фото: Влада на РСМ
 

 

Остани поврзан