Јужнокорејските конзервативци бараат нов кандидат за претседателските избори
- Конзервативците во Јужна Кореја синоќа се откажаа од номинираниот кандидат за претседателските избори и започнаа процес на избор на нов кандидат, откако поранешниот премиер на земјата се приклучи на претседателската трка, четири недели пред изборите на 3 јуни.
Сеул, 10 мај 2025 (МИА) - Конзервативците во Јужна Кореја синоќа се откажаа од номинираниот кандидат за претседателските избори и започнаа процес на избор на нов кандидат, откако поранешниот премиер на земјата се приклучи на претседателската трка, четири недели пред изборите на 3 јуни.
Владејачката партија „Силата на народот“ (СН) соопшти дека нејзините членови одлучиле да ја поништат номинацијата на Ким Мун-су.
Кандидатот на либералната Демократска партија, Ли Џе-мјон, е фаворит на изборите, на кои ќе се избере наследник на сменетиот претседател Јун Сук-јол, кој накратко прогласи воена состојба во декември минатата година.
Ким, кој беше номиниран за претседателски кандидат на партиската конференција минатата недела, одби да ја обедини кампањата со онаа на поранешниот премиер Хан Док-су, истакнувајќи дека тој е единствениот легитимен кандидат, избран на демократски начин.
Обидот на Ким да го спречи СН да го обнови процесот на номинирање беше одбиен од судот вчера, со што конзервативците добија можност да изберат нов кандидат. Гласањето за двата кандидати ќе се одржи овој викенд.
Од тимот на Ким изјавија дека одлуката на СН да ја поништи неговата номинација е „противуставна, против правилата на партијата и против разумот на секое човечко суштество“.
Поранешниот премиер Хан, кој беше и привремен претседател по смената на Јун, се приклучи на трката минатата недела, наведувајќи дека неговото долгогодишно искуство во јавната служба го прави вистински избор за справување со економските, трговските и дипломатските предизвици.
СН очекува да го избере новиот кандидат пред изборната комисија да ги заврши регистрациите утре.
Ривалството меѓу кандидатите дополнително ја отежнува и онака тешката битка на конзервативците за задржување на претседателската функција, додека либералниот фаворит веќе ги објавува своите политики поврзани со бизнисот и националната безбедност во однос на воената закана од Северна Кореја.
И Хан и Ким значително заостануваат зад Ли според анкетите на јавното мислење, кои покажуваат дека Ли има поддршка од 44 отсто наспроти 34 отсто за Хан и 29 отсто за Ким, според резултатите од Националниот барометар, објавени во четвртокот. ссм/
фото: ЕПА