• недела, 19 мај 2024

Јоурова: Идејата секоја членка на ЕУ да има еврокомесар е „многу проблематична“ 

Јоурова: Идејата секоја членка на ЕУ да има еврокомесар е „многу проблематична“ 

Брисел, 23 јануари 2024 (МИА) - Идејата секоја земја членка на ЕУ да има свој еврокомесар е „многу проблематична“, имајќи предвид дека и сега со 27 еврокомесари, Европската комисија е „на границите“ на функционалноста, а работите би се усложниле дополнително по приемот на нови членки и кога би имале Унија од 35 држави, смета потпретседателката на ЕК за вредности и транспарентност Вера Јоурова.   

- Веќе постои организација со извршни потпретседатели, потпретседатели, обични комесари. Оваа поделба на ресори некаде се преклопува и моравме да научиме да се справуваме со тоа. Би рекла дека сме на границата на она што е функционално остварливо, изјави Јоурова во обраќање на панел-дебата во Прага, организирана по повод 20-годишнината од членството на Чешка во ЕУ. 

Според Јоурова, прашањето за реформи во механизмите на ЕУ станува уште поитно, особено во пресрет на очекуваното ново проширување на блокот предвидено за до 2030 година. 

Дополнително поврзано со проширувањето, смета Јоурова, е и потребата за промена во начинот на донесување одлуки во ЕУ, со строго ограничување на консензуалното одлучување и правото на вето само за „тесен круг на клучни егзистенцијални прашања за кои државата што става вето треба да докаже дека има многу силен национален интерес за тоа“. 

Според неа, ова од причина што некои земји би можеле да го користат ветото за уцени, барајќи отстапки или бенефиции во области кои воопшто не се поврзани со одлуката што ја блокираат. 

Со ваквата идеја на Јоурова, која доаѓа од чешката партија Акција на незадоволни граѓани (АНО), членка на либералната група Да ја обновиме Европа, се согласуваат и Европската народна партија (ЕПП), во чија Програма за изборите за Европарламентот во јуни се предлага „промена на принципот на консензус при носењето одлуките за надворешната и одбранбената политика со гласање со квалификувано мнозинство“, како и Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), која се залага за укинување на правото на ветото со цел да не им се дозволи на земјите членки да ја користат ова можноста за пазарење. 

Но, од друга страна, наспроти ставот на Јоурова околу гломазноста на Европската комисија, ЕПП во Изборниот манифест предвидува воведување на еврокомесари и за мали и средни претпријатија, за рибарство, како и за одбрана. 

Актуелната Еврокомисија има осум потпретседатели, од кои тројца се извршни потпретседатели одговорни за Европскиот зелен договор, за дигитализацијата и за економијата, а останатите петмина координираат конкретните политички приоритети. 

Со Лисабонскиот договор на ЕУ, што стапи во сила на 1 декември 2009, беше предвидено бројот на еврокомесари да изнесува две третини од бројот на членки со нивна ротација во текот на мандатот на Европската комисија, но лидерите на Унијата сепак решија уште на стартот да ја променат оваа одредба и секоја земја да има по еден еврокомесар. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан