ЕК го активира „Коперник“, а Русија понуди помош за Иран
- Европската комисија ја активираше услугата за сателитско мапирање за да помогне во лоцирањето на хеликоптерот на иранскиот претседател
Брисел, 19 мај 2024 (МИА) – Европската комисија ја активираше услугата за сателитско мапирање за да помогне во лоцирањето на хеликоптерот на иранскиот претседател.
- Услугата е активирана на барање на Иран за помош, објави европскиот комесар за управување со кризи Јанез Ленарчич.
Службата за управување со итни случаи „Коперник“ на ЕК обезбедува услуги за мапирање врз основа на сателитски снимки.
Во меѓувреме портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова изјави дека Русија е подготвена да помогне во потрагата по хеликоптерот.
- Внимателно ги следиме новите информации за судбината на патниците од третиот хеликоптер, меѓу кои има и високи ирански претставници, вклучително и претседателот Раиси. Искрено се надеваме дека се живи и дека нивните животи и здравје не се во опасност. Русија е подготвена да ја обезбеди сета потребна помош во потрагата по исчезнатиот хеликоптер и во истрагата за причините за несреќата, наведе Захарова.
Претходно помош во спасувачките операции понудија Ирак и Азербејџан.
Конвој од три хеликоптери превезуваше ирански владини претставници од Азербејџан, каде присуствуваа на отворање на брана. Еден од хеликоптерите, во кој беше претседателот на Иран, Ебрахим Раис се урна во иранската покраина Источен Азербејџан. Според ИРНА во хеликоптерот бил и министерот за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан, гувернерот на покраината и главен имам во регионот.
Два хеликоптери слетаа безбедно во Табрис, во северозападен Иран. ми/
фото: МИА архива