• недела, 16 март 2025

Јеменските Хути се заканија дека ќе возвратат на смртоносните американски напади

Јеменските Хути се заканија дека ќе возвратат на смртоносните американски напади

Сана, 16 март 2025 (МИА) - Јеменските бунтовници Хути се заканија дека ќе возвратат на американските напади, откако Вашингтон изврши воздушни напади врз неколку населени области контролирани од нив, вклучувајќи го и главниот град Сана, пренесоа француските медиуми.

Според последните податоци, во американските напади биле убиени најмалку 31 лице.

Американскиот претседател Доналд Трамп им се закани на Хутите дека ќе настане „пекол“ и го предупреди Иран да престане да ги поддржува бунтовниците. Техеран реагираше со осуда на „варварските“ напади и предупреди дека ќе одговори на секој напад.

Хутите, кои контролираат големи делови од Јемен, вклучувајќи го и главниот град Сана, предупредија дека американските напади во текот на ноќта „нема да останат без одговор“.

„Нашите вооружени сили се подготвени да одговорат на ескалацијата со ескалација“, се наведува во соопштението на политичкото биро на бунтовниците, класифицирани од САД како „странска терористичка организација“.

Според Министерството за здравство, контролирано од Хутите, напади биле извршени во три јеменски провинции, како и во главниот град Сана, а во нив загинале најмалку 31 лице, додека 101 се ранети, главно деца и жени, изјави портпаролот на Министерството.

Ноќните американски напади против Хутите се први откако Доналд Трамп ја презеде функцијата на 20 јануари.

Според портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, Хутите во 2023 година нападнале вкупно 174 американски воени бродови и 145 комерцијални бродови.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан