• недела, 22 декември 2024

Јаневска: Оптимизација на училишната мрежа за поквалитетен воспитно – образовен процес за секое дете

Јаневска: Оптимизација на училишната мрежа за поквалитетен воспитно – образовен процес за секое дете

Штип, 2 декември 2024 (МИА) - Училиштата во руралните средини, оние со мал број на ученици да се пренаменат, со цел просториите соодветно да се искористат. Од ова корист ќе има и државата и општините, посочи денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Дополнително со носење на учениците во централните училишта ќе се добие посоодветно образование, социјализација и можности децата да ги покажат своите вештини и способности. Оптимизацијата на училишната мрежа со новата формула за финансирање на општините е сериозно поврзана и со едносменската насатва.

- Според анализите на УНИЦЕФ доаѓаме до многу интересен факт кој вели дека од вкупниот број на ученици 88 % учат во 353 централни училишта, а само 12% од вкупниот број на ученици учат дури во 518 подрачни училишта. Тоа значи дека дел од нашите ученици се изолирани во сопствените средини, каде немаат можност за добивање на квалитетно образование, социјализација и подобрување на своите знаење и вештини, рече Јаневска.

Штип е една од 23 општини во државата во кои ќе се работи на овој проект за оптимизација на мрежата на основните училишта. Градоначалникот Иван Јорданов изјави дека во Штип веќе има позитивни примери, односно основното училиште во Ново Село е преадаптирано во простории за целодневен престој.

-Еден позитивен пример, основното училиште во Ново Село, просториите каде се одвиваше образовен процес, заради малиот број на деца и малиот интерес се преадаптираше во простории за целодневен престој на дечињата од ООУ „Ванчо Прќе“- Штип. Со ова се направи една оптимизација на ресурсите со кои располагаме, со инфраструктурата, рече Јорданов.

Лесли Милер претставник на УНИЦЕФ рече дека со ова придобивки ќе имаат и ученицните, однонсо сите ќе добиваат еднаква и подобра настава.

Инаку,  без оптимизација на основните училишта,  за да се спорведе едносменска настава потребно е да се доизградат 667 нови училници и 167 нови санитарни чворови. Ако се направи оптиматизацијата треба да се изградат 284 нови училници и 71 санитарен јазол, покажуваат анализите на министерството за образование и наука. вдј/цр

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан