• среда, 03 јули 2024

Ѓорѓиевски-Ганиу: Заеднички ќе изнајдеме решенија за општинските и градските проблеми

Ѓорѓиевски-Ганиу: Заеднички ќе изнајдеме решенија за општинските и градските проблеми

Скопје, 16 мај 2024 (МИА) - Претседателот на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски денеска се сретна со градоначалникот на општина Чаир Висар Ганиу во Старата скопска чаршија. 

Средбата, како што информира Општина Кисела Вода, се одвиваше во рамки на серијата посети на сите општински раководства кои имаат за цел дискусија на теми кои ги засегаат граѓаните и изнаоѓање на соодветни решенија за нивните проблеми.

Со градоначалникот Ганиу се дебатираше за сработеното, но поголемиот дел од времето беше посветено на проблемите кои настанале поради, како што се наведува, опструкции од страна актуелното раководство на градот.

- Како претседател на ЗЕЛС со Ганиу поразговаравме за неговата досегашна успешна работа во изминатите две години, но и за проблемите со кои се соочуваат граѓаните на Скопје. Како и секоја општина на територијата на Град Скопје, така и општина Чаир се соочува со проблеми, но и со опструкции од страна актуелното раководство на Градот. Потребна е целосна реконструкција на булеварот „Цветан Димов“ и улицата „Џон Кенеди“, потребно е решавање на сообраќајниот хаос со изградба на катни гаражи итн. за што сум убеден дека Висар Ганиу ќе најде начин да ги реши овие работи, изјави Ѓорѓиевски.

Без разлика на сѐ, како што нагласи, ние заеднички ќе изнајдеме решенија за општинските и градските проблеми. - И покрај немањето слух од страна на Градот, проблемите заеднички ќе ги надминеме бидејќи Скопје и сите општини ќе имаат вистински партнер во новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а оној игнорантски однос во изминатите години заминува во минатото, рече Ѓорѓиевски.

Тој изрази благодарност за пречекот во Старата скопска чаршија. - Секогаш уживам тука бидејќи има посебен дух, бидејќи Чаршијата го сочува мултикултурното наследство на различни цивилизации која ги обединува и Македонци, Албанци, Турци и сите во нашето прекрасно Скопје. Благодарам за кафето и прекрасната домашна баклава, рече Ѓорѓиевски.  мд/лв/

Фото: Општина Кисела Вода 

 

 

 

Остани поврзан