• понеделник, 16 септември 2024

Штипското централно подрачје ќе има 1.000 паркинг места

Штипското централно подрачје ќе има 1.000 паркинг места

Штип, 16 септември 2024 (МИА) - Штипското јавно претпријатие „Стипион“ ќе стопанисува со околу 1.000 паркинг места во централното градско подрачје, вклучувајќи ги двете изградени катни гаражи, како и новата, која се планира во дворот меѓу станбените згради, за штипјани познатата локација „Аргач“. Директорот на ЈП „Стипион“-Штип, Панче Стефановски денеска изјави дека изминатите денови направена е промена на сообраќаен режим во делот на паркирањето, со цел да се обезбедат дополнителни паркинг места на улиците, кои се од двете страни на реката Отиња. Новите паркинзи се обезбедуваат, бидејќи во Штип се затвара улицата „ Ванчо Прќе“ за сообраќај и оваа улица ќе биде првото шеталиште во градот.

 -Со изградбата на конзолите и проширувањето на коловозот покрај река Отиња се создадоа услови за воведување на нов сообраќаен режим. Тој се состои во  косо и надолжно паркирање, во ленти за лево свртување и во зони со забрането паркирање поради поголема безбедност во областа на сообраќајот. Покрај безбедноста се зголемува бројот на паркинг позиции, рече Стефановски.

Паркинг местата се обележани и тоа од двете страни на река Отиња до Камениот мост. Во наредниот период обележувањето ќе продолжи до паркот Кртеке односно до новиот кружен тек. Учесниците во сообраќајот ќе бидат известени за сите промени со цел да се почитуваат и да не се казнуваат. Директорот на ЈП „Стипион“-Штип, Стефановски упати апел до возачите да бидат совесни и одговорни и да ги паркираат своите возила на обележаните паркинг позиции, со цел да не се соочат со казни, но и да се зголеми безбедноста на пешаците во сообраќајот. вдј/сст/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан