• петок, 22 ноември 2024

Штипските такси превозници чекаат нови антикризни мерки, доколку нема од понеделник ќе побараат повисоки цени на такси услугите

Штипските такси превозници чекаат нови антикризни мерки, доколку нема од понеделник ќе побараат повисоки цени на такси услугите

Штип, 7 јуни 2022 (МИА) - Штипските такси превозници ќе бараат повисоки цени за такси услугите бидејќи цената на горивата секојдневно се зголемува.

Претседателот на здружението на таксисти „Такси 2003“ Штип Глигор Арсов истакна дека ќе почекаат во наредните неколку дена да ја согледаат ситуацијата, а како што велат, добиле информации ќе има нови антикризни мерки и затоа ќе почекаат до понеделник.

-Нормално дека ќе има покачување, туку ќе почекаме до крајот на неделата, има некои најави од Владата дека ќе се преземат некои мерки, дали околу ДДВ или не знам. Да почекаме уште овие два-три дена да видиме што ќе се случи. Ако не се намали цената на нафтените деривати очигледно дека од понеделник веќе ќе мора и ние подрастично да се движиме, вели Арсов.

Такси превозниците на ниво на држава ќе бараат и измени во Законот за да не мора секоја одлука за цената на такси услугата да поминува на Седница на Совет.

- Очигледно дека со законската регулатива имаме проблем бидејќи со ова темпо на промена на цените ние не можеме, а и Советот не може по наша желба секоја недела да заседава за промена на цените. Ќе бараме директно од Владата да го смениме комплетно членот во Законот, каде ќе има либерализација на цената и да можеме самостојно како што го прават тоа бензинските пумпи, со секоја промена на светска цена да ја одредуваме цената на такси услугата, рече Арсов.

Во Штип цената на такси услугата се зголеми во март, стартот е 70 денари, плус 25 денари од километар. Но, според Арсов ова е неисплатливо и согласно тоа не може да се инвестира во нови возила. Од друга страна од септември оваа година во Штип треба да се пушти и градскиот јавен превоз. За граѓаните од приградските штипски населби ова е од огромно значење бидејќи такси услугата е скапа. вдј/мд/

Остани поврзан