• недела, 19 јануари 2025

Штипските советници го изгласаа буџетот за 2025 година, тежок речиси две милјарди денари

Штипските советници го изгласаа буџетот за 2025 година, тежок речиси две милјарди денари

Штип, 20 декември 2024 (МИА) – Вкупниот буџет на Општина Штип за 2025 година изнесува речиси две милјарди денари, образложи денеска градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов пред советниците на седница на Советот на Општина Штип.  

-Вкупниот буџет на Општина Штип за 2025 година изнесува 1 886 896 000 денари. Историски највисок буџет во Општина Штип. Вкупниот основен буџет пак изнесува 1.058.240 000 денари. Исто така историски највисок буџет или компаритивно со изминатата година бележи 30 проценти раст. Основен буџет, оној којшто има можност Советот и Општина Штип да го реалицираат назад кај граѓаните. Овие средства се поделени по Програми, испланирани за развој на образованието, културата, социјалната заштита, урбанистичкото планирање и проектирање, зелени површини, локални улици, булевари, крстосници, водовод, канализација, а секако тука е и спортот, активностите на децата и младите во нашиот град, рече во своето обраќање Јорданов пред штипските советници.

Тој истакна дека со овој историски највисок буџет се предвидени голем број на капитални инвестиции, кои ќе изнесуваат 592.638.000 денари, а какошто рече Јорданов во изминатите години од буџетот за капитални инвестиции се издвојувале од 30 до 45%. Забележа дека буџетот на Општина Штип е креиран транспарентно заедно со граѓаните, за да се генерира развој на градот.

Јорданов посочи дека во наредната 2025 година штипјани ќе добијат нов мега парк, продолжување на булеварот „Партизанска“, нова обиколница, улици и тротоари, булевари, нови населби како и реконструкција на водоводната мрежа. вдј/са/

Фото: МИА

 

Остани поврзан