• четврток, 16 мај 2024

Штипскиот Црвен Крст додели јубилејни признанија на крводарителите

Штипскиот Црвен Крст додели јубилејни признанија на крводарителите

Штип, 3 април 2023 (МИА) - Општинската Организација (ОО) на Црвен Крст-Штип денеска додели јубилејни признанија на крводарители од Штип, по повод 17 март, денот на крвдарителството. Секретарот на ОО Црвен Крст-Штип, Викторија Милановска-Патраклиева вели дека се доделени признанија, благодарници и плакети по повод јубилеј од 50, 75 година крводарување, постхумно, како и на благодарници на институции.

- Ние им даваме едно признание, една благодарница и една плакета во знак на огромна благодарност затоа што тие се секогаш спремни на највисокиот чин на хуманоста, а тоа е крводарувањето, кое е апсолутно животоспасувачки чин. За 2022 година може да кажеме дека Општинската организација не само што го реализираше планот, туку и го натфрли за 74 проценти, вели Милановска-Патраклиева.

Соработката меѓу Црвен Крст- Штип и одделот за  Трансфузиона медицина се зацврствува, а за тоа сведочи и статистиката односно бројката со која се покажува дека во Штип има голем број хумани граѓани. Доктор Мери Шорова потенцираше дека се прават напори и младите да се вклучат во процесот на дарување на крв.

- Заедно со Црвен крст Штип имаме одлична соработка и поради тоа и бројките во однос на крводарителството и статистиката за нашиот град се навистина задоволителни. Би сакала оваа хумана мисија да продолжи и понатаму и навистина работиме на тоа да ја подигнеме јавната свест кај населенето за тоа што значи крводарувањето, што значи да се дарува крв и да се зголеми одговорноста кај луѓето во однос на грижата за другите луѓе, вели Шорова.

Зоран Мијалков е крводарител и вели  преставува гордост и задоволство што може да се дарува и да се спаси човечки живот.

- Значи да дадеш од себе за да спасиш човечки живот, тоа значи пред сѐ за душата на самиот човек. Јас имам над 100 пати дарувано крв, важно е да ги поттикнеме и младите генерации да продолжат да даруваат крв бидејќи може живот да значи тоа, нагласи Мијалков.

Акциите за дарување на крв продолжуваат и во текот на оваа година, а од Црвен Крст- Штип потенцираа дека очекуваат бројката повторно да биде надмината и да се соберат што е можно повеќе крвни единици. вдј /цр

Фото: МИА 

Остани поврзан