Штипскиот градоначалник ги прими учениците кои учествуваа на спортските манифестации
- Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, денеска организираше прием за најуспешните ученици кои постигнаа извонредни резултати на турнирите организирани од Сојузот на училишен спорт – Штип. На средбата посебно беа истакнати активностите како што се првиот турнир во ракомет, регионалните натпревари и традиционалната манифестација „Пролетни денови“, кои успешно го промовираат училишниот спорт и го зајакнуваат спортскиот дух кај младите.
Штип, 10 јуни 2025 (МИА) - Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, денеска организираше прием за најуспешните ученици кои постигнаа извонредни резултати на турнирите организирани од Сојузот на училишен спорт – Штип. На средбата посебно беа истакнати активностите како што се првиот турнир во ракомет, регионалните натпревари и традиционалната манифестација „Пролетни денови“, кои успешно го промовираат училишниот спорт и го зајакнуваат спортскиот дух кај младите.
Јорданов рече дека општината дава силна поддршка на Сојузот на училишен спорт за неговата клучна улога во откривањето и развојот на младите спортски таленти.

-Штип е достојно претставен благодарение на ваквите успеси. Овие резултати се доказ дека вложувањето во младите и спортот носи вистински вредности, вели Јорданов.
Тој најави нови инвестиции во спортската инфраструктура, меѓу кои се и реконструкциите на спортските сали во Општинските основните училишта (ООУ) „Тошо Арсов“ и „Димитар Влахов“.
Јорданов се заблагодари на спортските работници, наставниците и тренерите кои секојдневно работат со младите, и ги повика сите талентирани ученици од основните и средните училишта да аплицираат на јавниот повик на Општина Штип за спортско стипендирање со цел унапредување на нивниот понатамошен спортски развој.
-Сето она што го правиме денес, ќе донесе вистински резултати утре. Нашата обврска е да го поддржиме секој млад човек кој вложува во себе преку спорт, знаење и упорност, изјави Јорданов. вдј/дма/
Фото: МИА