• недела, 22 декември 2024

Шпанскиот парламент во среда ќе расправа, а во четврток ќе гласа за реизбор на премиерот Педро Санчез

Шпанскиот парламент во среда ќе расправа, а во четврток ќе гласа за реизбор на премиерот Педро Санчез

Мадрид, 13 ноември 2023 (МИА) - Дебатата и гласањето за реизбор на актуелниот премиер во техничкиот мандат на Педро Санчез ќе се одржи кон крајот на неделава, изјави денеска претседателката на шпанскиот Парламент, Франсина Арменгол. 

Партиските лидери в среда ќе разговараат за кандидатурата на Санчез, а гласањето ќе се одржи во четврток, кажа Арменгол, пренесоа американските медиуми. 

Санчез, кој на оваа функција е од 2018 година, се очекува да биде изгласан без проблем во 350-члениот шпански Парламент, бидејќи неговата Социјалистичка партија, со освоени 121 место на изборите, во меѓувреме постигна договор со неколку помали партии со што обезбеди поддршка од 179 пратеници, три повеќе од потребното мнозинство.

Неубедливите резултати од шпанските избори одржани на 23 јули ги оставија сите партии без победа што ќе им овозможеше сами да формираат влада. 

Централнодесничарската Народна партија, предводена од Алберто Нуњез Фејо, освои најмногу места на изборите, 137, но поради нејзините блиски врски со крајнодесничарската партија Вокс, речиси ниту една друга партија не ја поддржа кандидатурата на Фејо за коалициска соработка. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан