• сабота, 20 април 2024

Шест општини од Југозападниот и Пелагонискиот регион ќе работат на одржливо управување со отпадот

Шест општини од Југозападниот и Пелагонискиот регион ќе работат на одржливо управување со отпадот

Скопје, 5 јуни 2023 (МИА) - Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) како дел од Владата е длабоко навлезено во процесите на воспоставување на одржливо управување со отпад, бидејќи ова го сметаме како еден од главните приоритети, пред се за обезбедување на одржлив развој на државата, квалитетен живот за нашите граѓани, но секако и усогласување на политиките и практиките за животна средина, земајќи во предвид дека се стремиме кон ЕУ, рече министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова на воведната конференција на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“ по повод одбележувањето на 5 Јуни Светски ден на животната средина.

Во делот на управување со комунален отпад, како што рече министерката, сме соочени со многу предизвици и нерешени проблеми во изминатите години. Но, како што нагласи, по речиси десет години заедничка работа напорите за воспоставување на системи за одржливо управување со отпад ќе почнат да се материјализираат, односно очекуваат дека неколкуте процеси кои паралелно се одвиваат конечно ќе почнат оваа година со реална имплементација.

Шукова оцени дека е постигнат голем напредок во сите плански региони, а како најнапредни ги издвои Источниот и Североисточниот регион, каде со помош на ЕУ во најскоро време ќе биде објавен и тендерот за изградба на санитарната депонија и трансфер станиците.

-Овие два региона ќе имаат санитарна депонија во Свети Николе и како што реков процесите напредуваат и во другите региони, соочени сме секако со низа предизвици воспоставувањето на регионалните системи  е предизвик сам по себе, вклучени сем ногу партнери особено општините кои треба да вложат максимални напори како би можеле да се воспостават овие системи особено воспоставување на регионалните тела за управување со отпад, рече Шукова.

Според неа, проектот се спроведува во вистинско време и е целосно усогласен со сите стратешки цели за постигнување еколошка и одржлива иднина.

-Свесни сме дека за финансиски и технички капацитети на општините коишто ја имаат главната улога во функционирање на системот за собирање и депонирање отпад, во моментот се уште не се на задоволително ниво, има прогрес секако во изминатите години и затоа и Владата и МЖСПП секако ќе даде поддршка во целиот овој процес, потенцира Шукова. 

Проектот, додаде, ќе биде насочен како поддршка на општините во Пелагонискиот и Југозападниот плански регион, но очекува дека добрите практики кои ќе се покажат преку овој проект ќе се мултиплицираат и во другите општини, односно региони пред се во градење на капацитетите и зајакнување на соработката која е многу важна. 

-Ајде заедно да воведеме најдобри практики и најдобри модели за управување со отпад преку еден партнерски однос, ова прашање треба да го реши државата, ние секако се усогласуваме со законодавството на ЕУ за жал имплементацијата во сите области од животната средина се уште не е на ниво кое го посакуваме. Јавно ги повикувам сите наши партнери максимално да се вклучат во сите процеси и да направиме подобро место за живеење, порача Шукова.

Шведската амбасадорка Ами Ларсон Џејн истакна дека општинското одржливо управување со локалните услуги не е нешто што е само општинска нужност, туку со истата се подобрува квалитетот на живот и се креираат работни места, како и економски раст.

-Шведска ќе продолжи да ја поддржува транзицијата кон една попросперитетна, почиста и позелена Северна Македонија. Имаме 20 отсто пораст во годишните наши буџети и обезбедуваме и даваме поддршка на проекти во висина од 7 милини евра оваа година.

Глобалната акција за одржлив развој и глобални климатски промени, како што рече, се соочува со големи предизвици, а општините имаат суштинска улога во овој процес да ја водат трансформацијата кон циркуларна економија и здрава животна средина. Општините, нагласи, се предводници во имплементирањето политики, имаат длабоко познавање за самите околности во заедниците и знаат на кој начин може да се негува заедничка одговорност и да се подигне свесноста кај населението.

Извршната директорка на ЗЕЛС Душица Перишиќ нагласи дека управувањето со отпад претставува една од поважните задачи на единиците на локална самоуправа и оти тоа е една од услугите што општините треба да ги дадат на своите граѓани.

-Поддршката за јакнење на свеста за селекција на отпадот, јакнењето на капацитетите на локалната власт како и обезбедувањето на соодветна и квалитетна опрема за селекција и транспорт на отпадот се важни делови во целиот овој процес. Но најважно од се е соодветна имплементација на законските одредби и неселективна примена на казните за секое загрозување на животната средина, порача Перишиќ.

Рајан Нокс, извршниот директор на САЛАР Интернационал рече дека експоненцијалниот раст на отпадот бара соработка, иновативни идеи и промени во практиките за да се обезбеди поодржлива иднина. Усвојувајќи холистички пристап, проектот ќе работи со различно ниво на управување, односно локално, регионално и национално ниво.

Проектот ќе поддржи шест избрани општини во Југозападниот и Пелагонискиот регион во процесот на планирање за управување со отпад како и спроведување на плановите. Истиот ќе работи со општинските администрации, локалните јавни комунални претпријатија и жителите во избраните општините да ги подобрат практиките за планирање за управување со отпад и да ја зајакнат способноста за обезбедување инклузивни и одржливи услуги за управување со отпадот. Проектот ќе ги поддржи и останатите 12 општини од двата региони преку изработка на локални акциски планови (ЛАП), споделување најдобри практики и воведување модели за подобра меѓуопштинска соработка и координација.

На конференцијата беа потпишани меморандуми за соработка помеѓу САЛАР Интернационал, избраните општини од Југозападниот и Пелагонискиот регион (Битола, Прилеп, Новаци, Охрид, Кичево и Пласница) и партнерите на проектот - МЖСПП, Министерството за локална самоуправа и ЗЕЛС. Со потпишување на меморандумите започна и официјалниот дел на имплементацијата на проектот на локално ниво, кој веќе има изработена студија за состојбата со отпадот во овој дел од земјата.  

Проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“ е финансиран од СИДА (Шведската агенција за меѓународна развојна соработка), а имплементиран од Шведската асоцијација на локални власти и региони (САЛАР) и нејзината подружница САЛАР Интернационал. мс/са/

фото: Фросина Насковиќ

 

 

Остани поврзан