• среда, 27 ноември 2024

Ковачевски за МИА: Имаме јасен план за државата, која ќе го продолжи својот процес на евроинтеграција

Ковачевски за МИА: Имаме јасен план за државата, која ќе го продолжи својот процес на евроинтеграција

Скопје, 18 април 2024 (МИА) - Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски во интервју за МИА најавува дека кандидатите за пратеници на коалицијата „За европска иднина“ во рамки на кампањата за парламентарните избори во сите населени места ќе ја презентираат програмата и нивниот, како што вели, јасен план за државата, која ќе го продолжи својот процес на европско интегрирање. Оценува дека досегашниот тек на кампањата за претседател до пред неколку дена била демократска и смирена, но оти како се наближува денот на изборите, така и реториката знае да стане пожестока. 

- Но, сепак мислам дека со одредени исклучоци претседателската кампања досега се одива во еден демократски амбиент каде што нашиот претседателски кандидат Стево Пендаровски ја образлага својата програма, својата визија за една европска Македонија. Истото се однесува и на моите настапи во дел од неговите митинзи. Започнува и кампањата за парламентарите избори на која што и кандидатите за пратеници од листата на коалицијата „За европска иднина“ ќе ги поминат сите населени места и каде ќе ја образложиме нашата програма, нашиот јасен план за држава која што ќе биде просперитетна и ќе го продолжи својот процес на европско интегрирање и држава која ќе стане земја членка на Европската унија, вели претседателот на СДСМ. 

Во однос на тврдењата дека има мешања или обиди за мешање однадвор во изборната кампања, Ковачевски рече оти секако дека има обиди и мешање на трети страни не само во изборите туку и во секојдневниот политички живот во Македонија. Пред се, како што кажа, мисли на држави што не сакаат да ја видат Македонија како дел од ЕУ и коишто сакаат да имаме отворени прашања и отворени конфликти не само во Македонија туку и во регионот.

- Меѓутоа, сепак сметам дека ние како држава имаме и капацитет, имаме и луѓе и институции коишто ќе овозможат граѓаните да го дадат својот глас на најдемократски начин и на овие избори. Секако дека и од моите изјави што сум ги давал во минатото, но и од изјави од наши стратешки партнери на високи претставници се чувствува во Македонија влијание на трети страни особено на оние што се поврзани со Русија или со некои нивни сателити, преку политички партии или преку одредени организации сакаат да влијаат на наметнување на реторика поинаква од онаа што граѓаните на Македонија ја сакаат и ја заслужуваат, посочува Ковачевски. 

Едно од актуелните прашања што се наметна деновиве во јавноста е најавата на техничкиот министер за надворешни работи Бујар Османи за преиспитување на учеството на нашата земја во иницијативата Отворен Балкан. Ковачевски вели дека Отворен Балкан е оригинална иницијатива што потекнува од регионот формирана од три држави – Македонија, Албанија и Србија и која што е заснована на четирите слободи на Европската унија.

-Таа во својата суштина, во својот фундамент ги има постулатите на функционирањето на Европската унија, а тоа е слободното движење на луѓе, слободно движење на капитал, на производи и слободно движење на услуги. И кога ќе ги погледнете иницијативите коишто беа направени во рамки на Отворен Балкан тие се токму тоа. Во интервјуто Ковачевски се осврнува на резултатите од оваа иницијатива нагласувајќи дека останува на ставот дека регионалната соработка е исклучително важна. 

-Од друга страна, политичарите како во избори тие даваат изјави што треба, што не треба. Јас останувам на ставот дека регионалната соработка е исклучително важна. Постојат 72 регионални иницијативи во Западен Балкан, една од нив е Отворен Балкан. Исто така, има една многу позначајна иницијатива, која што е Берлински процес, во која што учествуваат сите земји од Западен Балкан, меѓутоа таму има еден проблем што ниту една иницијатива не е заживеана со оглед на тоа дека секогаш постои проблем во некоја држава. На пример, во Босна не можат тие внатре да се договорат меѓу себе да ратификуваат некој договор, потоа ќе се појави некој проблем помеѓу други две држави и процесот оди многу поспоро. Меѓутоа, мислам дека и тој процес ќе биде забрзан со оглед на тоа дека сите држави имаат многу јасна определба за зачленување во Европската унија. Преговорите веќе ги отпочнаа и Македонија, и Албанија, и Црна Гора, и Србија. Веќе имаме земји членки на НАТО, тоа се Албанија, Црна Гора, Македонија коишто сме земји членки на НАТО. Сметам дека помеѓу Србија и Косово дијалогот треба да продолжи за да можат да ги нормализираат своите односи согласно со Бриселскиот договор и согласно со разговорите коишто ги имаа во Охрид и мислам дека на тој начин овој регион ќе се европеизира. Ќе работиме многу повеќе заедно, многу повеќе на заеднички теми коишто на крајот на денот ќе резултираат со држави коишто ќе станат земји членки на Европската унија, вели Ковачевски.

Лидерот на СДСМ зборуваше и за програмата на партијата за парламентарните избори која се заснова на седум столба, но и за тоа врз основа на кои податоци и пресметки стасале до сумата од 1.100 евра плата, 600 евра за минимална плата...

-Програмата на Социјалдемократскиот сојуз претставува еден апсолутно логичен континуитет на тоа што го направивме во изминатите седум години. Вие знаете дека ние седум години имавме одговорност да ја водиме Владата на Република Северна Македонија заедно со коалиционите партнери. Во текот на тие седум години се разбира дека беа направени грешки и ако некој во ова студио може да преземе одговорност за тие грешки тогаш тоа сум јас, бидејќи тој што работи може и да погреши, меѓутоа оној што утре ќе ги признае грешките тоа значи дека и може да се подобри. Пред се, тука мислам на потребата за понатамошно унапредување на животниот стандард на граѓаните, со оглед на високите цени коишто ги имаме заради војната во Украина, потоа унапредувањето на владеењето на правото и на подобра борба против корупцијата и тоа се трите работи коишто најмногу ги загрижуваат граѓаните, рече Ковачевски. 

Од друга страна, нагласи тој, направивме една исклучително важна работа и ја направивме апсолутно правилно, а тоа е зацртавме јасна визија и јасен пат на Северна Македонија во Европската унија.

-Ние донесовме тешки одлуки како коалиција и како СДСМ за влез на државата во НАТО. Сега гледаме што значи да се биде земја членка на НАТО во време кога има конфликти на сите страни и во Европа и на Блискиот Исток и исто така, отпочнавме преговори со Европската унија со заштитен македонски јазик, заштитена македонска култура и заштитен македонски идентитет коишто веќе никој не ги доведува во прашање, рече Ковачевски.  

Ветувањето за плата од 1.100 евра, 600 евра минимална плата, зголемување на пензиите, додатоци за младите и друго, Ковачевски рече дека овие бројки се продолжение на добрите економски политики што Владата на СДСМ ги имала во изминатите години.

-Заради стабилниот амбиент како земја членка на НАТО гледате дека и странските директни инвестиции се двојно поголеми од тоа што беа во 2016 година. Ние минатата година имавме 700 милиони евра странски директни инвестиции во однос на 300 милиони евра колку што беа во 2016 година. Воведовме поддршка на македонските компании за првпат и со 100 милиони евра обезбедивме економски циклус од половина милијарда евра инвестиции кај домашните компании коишто обезбедија пет илјади нови домицилни, домашни работни места и секако дека низа на други мерки коишто влијаеја на зголемување на платите. Втората работа е што парите во буџетот се наменети навистина на продуктивни цели, односно на зголемување на инвестициите. Во последните две години ние имаме најголема реализација на капиталните инвестиции што повторно создава работни места во државата и тоа е резултат исто така и на намалувањето на невработеноста од 25 проценти колку што беше во 2016 година, ние денес имаме 12 проценти на невработеност и проектираме 7 проценти невработеност во 2028 година, вели Ковачевски. 

Претседателот на СДСМ во интервју за МИА нагласува дека тој и неговата партија имаат многу јасен став по однос на потребата од носење на уставните измени бидејќи тие претставуваат една од обврските што ги има Северна Македонија во делот на Преговарачката рамка. На прашање кога би можело да случат уставни измени имајќи ги предвид изјавите од албанскиот блок тоа да биде пред формирање влада или до Нова година, но и од германскиот пратеник дека ВМРО-ДПМНЕ до Нова година би усвоиле уставни измени, Ковачевски вели дека „кога ќе соберат храброст во секој момент можат да се јават во СДСМ“ и кај него и во Собрание да се изгласаат уставните измени. 

-Уставните измени јас ги имам потпишано и поднесено во Собранието. Значи, кога ќе решат, кога ќе соберат храброст другите политичари во државата истите тие кои не собраа храброст за да го поддржат членството во НАТО и истите тие коишто не собраа храброст за да влезат во сала кога се гласаше договорот ФРОНТЕКС, каде што за првпат имаме чист македонски јазик заедно со сите други јазици на Европската унија одобрен од сите земји членки на Европска унија вклучително и Бугарија и Грција што беше незамисливо пред тоа истите тие коишто не поддржаа влез на Македонија во времето на Киро Глигоров во Обединетите нации истите тие немаат храброст и денес. Кога ќе соберат храброст во секој момент можат да се јават во СДСМ и кај мене да одиме во Собрание и да ги изгласаме уставните измени со коишто уставни измени ќе влезат делови од други народи во нашиот Устав, бидејќи ние веќе имаме дел од други народи во Уставот, вклучително и бугарскиот народ каде што ќе се направи за првпат јасна дистинкција во еден документ дека има македонски народ и делови од бугарски народ со што се побива старата вмровска теза дека ова е регион во којшто има еден народ во две држави. Сега за првпат ќе имаме македонски народ и делови од бугарски народ. Кога ќе соберат храброст за тоа нека се јават, сакаат пред избори, сакат по избори, сакаат ден на избори, сакаат во 12 напладне, сакаат во 12 навечер, сакаат во 3 попладне, сакаат во 3 сабајле ние сме подготвени да ги донесеме потребните одлуки за иднината на државата, вели Ковачевски.

Претседателот на СДСМ очекуваме победа на изборите на нивниот претседателски кандидат Стево Пендаровски и мнозинство со кое што ќе формираат проевропска влада со која што, како што вели, Северна Македонија ќе го исполни она што го очекуваат граѓаните. Вели дека за него е важен секој глас, дека знае што ги мачи граѓаните и оти ако некој треба да преземе одговорност за грешките што се направени тогаш тоа е тој. 

-Над 61 ќе има коалицијата „За европска иднина“ и коалиционите партнери и ќе формираме проевропска влада со која што Северна Македонија ќе има многу јасен правец во однос на тоа каде ќе се движи и како ќе обезбедиме подобар европски животен стандард за граѓаните. Јас го почитувам секој глас без разлика дали е член, симпатизер, или е вие како што велите неопределен во делот на изборите. Секој глас е важен и секој граѓанин претставува глас на изборите и граѓаните добиваат суверено право да одлучуваат на тој ден како ќе биде водена државата во иднина. Јас веќе на почетокот ви кажав дека знам што ги загрижува граѓаните, бидејќи ако некој знае што е она што ги загрижува, тогаш тоа сум јас и ако некој треба да преземе одговорност за грешките што се направени тогаш тоа сум јас. Јас сум подготвен тоа да го направам, нагласува лидерот на СДСМ.

Ковачевски посочува дека знае што ги мачи граѓаните и дека тоа се високите цени и затоа се воведени низа на мерки и оти инфлацијата е веќе на ниво од 3-4 проценти. Вели дека тие имаат многу јасен план во делот на владеењето на правото со 41 мерка.

-На првиот ден кога ќе формираме влада јас ќе поднесам уставни измени во делот на реформи на Судскиот совет, во делот на изборот, траењето на мандатите, што е тоа истакнат правник, начинот на санкционирање, оценување итн. на секој член на судскиот и на правосудниот и обвинителскиот систем. Истото тоа се однесува и на политичарите. Знам дека граѓаните се незадоволни од начинот на којшто раководеа добар дел од функционерите без разлика на политичка партија со голем број од државните претпријатија, јавни институции итн. Тука можам да ви кажам дека ќе има голем број на промени во делот на оние коишто раководат. Ќе има многу поголема дисциплина во делот на функционирањето на оние коишто ја имаа честа да раководат со државните институции, бидејќи морам да кажам дека во овие изминати две години јас не можев да се посветам на персоналното однесување на дел од оние коишто управуваа со одредени ресори со оглед на тоа дека работевме во огромна криза и мораше 24 часа да работат тимови и на намалување на цените и на обезбедување на електрична енергија, на субвенционирање на електрична енергија, рече претседателот на СДСМ.

Во интервјуто Ковачевски одговара на прашање за ставот на ДУИ за избор на претседател во Собранието како услов за формирање Влада. Вели дека во текот на кампањата се кажуваат многу работи, но оти СДСМ има многу јасен став уште од 2019 година за ова прашање и оти ова не е ново барање. 

- Претседателот на државата треба да се бира на непосредни избори бидејќи претседателот на државата треба да биде независна интегритетна фигура која што ќе биде коректив на политичките партии којшто ќе ги претставува сите граѓани, а не да ги претставува политичките партии. Токму таков е претседателот Стево Пендаровски, потенцира Ковачевски.

Смета дека овој начин на избор е најдобар избор за претседател и така и ќе продолжи да биде во иднина.

-Тоа што ДУИ смета дека мора да се прави, тие тоа може да си го кажуваат на нивните митинзи, меѓутоа суверено право е на демократските институции, а тоа е Парламентот во овој случај да одлучува за тоа како ќе функционира државата. Ние имаме уставно уредување во кое што претседателот на државата се бира од страна на граѓаните, рече Ковачевски.  

СДСМ, вели, дека доколку треба да формираат Влада, освен со партиите од нивната коалиција, би коалицирале и дополнително, сите оние партии кои не се дел од нивната предизборна коалиција, а коишто ги делат истите вредности за европска Македонија, за подобар европски животен стандард, за владеење на правото, за спроведување на ветинг во политичкиот и во правосудниот систем и во бизнис секторот.

Одговарајќи на прашање дали европските избори би можеле да влијаат на политиката на Унијата кон нас Ковачевски вели дека има логичен континуитет на политиката на Европска унија во делот на проширувањето.

-Ако го погледнете распоредот на силите на европските избори, тогаш повторно може да се очекува дека клучен збор ќе имаат Партијата на европските конзервативци ЕПП, потоа Партијата на европски социјалисти каде што СДСМ е дел, потпретседател на Партијата на европски социјалисти е нашата бивша претседателска Шеќеринска, член на Претседателството е меѓународниот секретар на СДСМ Бојан Маричиќ. Тие имаат многу јасна политика во однос на земјите коишто сакаат да станат членки на Европската унија, а тоа е поддршка и зголемување на соработката, рече Ковачевски.

Според него, неслучајно пред самите европски избори беше донесен и планот за раст на Западен Балкан во којшто многу јасно се стимулирани сите оние реформски процеси што треба да се направат во секоја држава, регионалната соработка која што треба да се унапреди и секако тоа да биде поддржано со финансиски пакет од Европската унија во вредност од шест милијарди евра, две милијарди евра грантови и четири милијарди евра поволни кредити коишто ќе бидат гарантирани од Европската унија. Тоа, додава тој, значи дека ќе имаат многу пониски каматни стапки од она што би биле доколку само земјите индивидуално би ги земале од меѓународните финансиски институции на слободниот финансиски пазар. 

Но, Ковачевски вели дека мора да изрази загриженост во однос на ставовите на нивниот политички противник ВМРО-ДПМНЕ. 

- И сега кога ќе ја видите нивната кампања таму апсолутно не стои ништо во делот на интегрирањето со Европската унија. Тие предвидуваат некакви алтернативни сценарија, предвидуваат повторно некакви репреговарања со соседи, со ЕУ што се утопија, што немаат никаков контакт со реалноста и за тоа најдобра потврда им дојде од еврокомесарите кои кажаа дека европската Преговарачка рамка е усогласена со сите 27 земји - членки, таа обезбедува заштита на македонскиот јазик, идентитет и култура и обезбедува преговори на Северна Македонија со Европската унија според Копенхашките критериуми. И сега кога ќе ги земете изјавите на ВМРО-ДПМНЕ и на нивната кандидатка тогаш ќе видите дека тие ни во ставовите не се усогласени. Таа кажува едно, нивниот претседател кажува друго, посочува Ковачевски. 

Интервјуто со Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ и носител во Првата изборна единица на изборите за пратеници е прво од серијата интервјуа за парламентарните избори 2024 закажани за 8 мај.

Елизабета Велјаноска Најдеска

Фото: МИА

Видео и монтажа: Андреј Бранковиќ и Владимир Рабасовиќ

Остани поврзан