• петок, 15 ноември 2024

Холандски медиуми: Унгарија веќе нема ништо против кандидатурата на Марк Руте за генерален секретар на НАТО

Холандски медиуми: Унгарија веќе нема ништо против кандидатурата на Марк Руте за генерален секретар на НАТО

Брисел, 18 јуни 2024 (МИА) - Унгарија се откажа од противењето Марк Руте да биде назначен за следен генерален секретар на НАТО, објавија холандските медиуми. Ова се случи откако холандскиот премиер во оставка и неговиот унгарски колега Виктор Орбан се сретнаа на маргините на состанокот на лидерите на ЕУ во Брисел.

Националната радио и телевизија (НОС) и водечкиот ТВ канал Ер-Те-Ел (РТЛ) објавија дека унгарскиот премиер не го повторил барањето за извинување од Руте за неговите „проблематични“, како што рече Орбан, оценки за Унгарија.

Извинувањето беше еден од двата услови што ги постави Унгарија да го одобри Руте како наследник на Јенс Столтенберг на чело на НАТО.

Другиот услов - да и се дадат гаранции на Будимпешта дека Унгарија нема да обезбеди средства за Украина или да испрати своја војска таму - беше исполнет минатата недела од Столтенберг.

Оваа година, САД, Велика Британија, Франција и Германија го поддржаа Руте како наследник на Столтенберг, кој ќе се повлече во октомври. Турција, исто така, во април рече дека ќе го поддржи Руте. Сега само Романија и Словачка се уште немаат дадено зелено светло.

НАТО одлуките ги донесува едногласно, затоа секој кандидат мора да ја добие поддршката од сите 32 земји-членки на организацијата.

Романскиот претседател Клаус Јоханис во март објави дека ќе се кандидира за функцијата, велејќи дека земјите од Источна Европа треба да имаат подобра застапеност во раководните улоги на организацијата. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан