„Фронт 21/42“: Охридското Езеро дадено под концесија со риболовна основа што не ја заштитува рибата како што бара УНЕСКО
- Еколошкото граѓанско здружение „Фронт 21/42“ преку објава на социјалните мрежи посочува дека во Извештајот доставен до УНЕСКО се наведува грижа за рибниот фонд на Охридското Езеро, а истовремено ревирот се издава на концесија без соодветна риболовна основа со која би се забранувал риболов, како што стои во препораките од Комитетот за заштита на ОН.
Охрид, 13 март 2023 (МИА) – Еколошкото граѓанско здружение „Фронт 21/42“ преку објава на социјалните мрежи посочува дека во Извештајот доставен до УНЕСКО државата наведува грижа за рибниот фонд на Охридското Езеро, а истовремено ревирот се издава на концесија без соодветна риболовна основа со која би се забранувал риболов, како што стои во препораките од Комитетот за заштита на ОН.
Од „Фронт 21/42“ појаснуваат дека во Стратешкиот план за рехабилитација на Охридскиот регион усвоен од Владата во ноември минатата година и доставен до УНЕСКО, содржи нацрт-риболовна основа за Охридското Езеро и неговиот слив, која не предвидува забрана за ловење на Охридска пастрмка, белвица и јагула.
Според здружението, риболовната основа се изработува пред да се усвои Законот за прогласување на Охридското Езеро за Споменик на природата, што ќе дефинира различни заштитни зони и дозволени активности во секоја од нив, вклучувајќи го и риболовот.
- И покрај тоа што законот налага концесиите да бидат во согласност со риболовните основи, за Охридското Езеро се објави јавен повик и се одбра концесионер за риболов пред да се усвои риболовна основа, истакнуваат од „Фронт 21/42“.
Односното прашање во Извештајот до УНЕСКО е претставено како „имплементација на препораката 12 од Реактивната мониторинг мисија од 2017 година“, реагираат од „Фронт 21/42“.
Независно противењето на екологистите и риболовните здруженија, ревирот на Охридското Езеро по пат на јавно наддавање е доделен на стопанисување на струшка фирма, на времетраење од шест години. аб/цр
Фото: МИА