• вторник, 24 декември 2024

Герасимовски: По 60 години нова општинска зграда, другите ветуваа, јас реализирам

Герасимовски: По 60 години нова општинска зграда, другите ветуваа, јас реализирам

Скопје, 15 ноември 2024

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски во гостувањето во емисијата „Во живо - програма на градови“ на МРТВ потенцираше дека после 60 години се најде решение за нова општинска зграда.

„Идејата ми е уште од пред неколку години, но требаше малку повеќе време за да го добиеме земјиштето во сопственост на општината и за да отпочнеме со решавање на овој долгогодишен проблем. Знаете која е разликата од Герасимовски и претходните градоначалници? Истите ветуваа, а јас реализирам. Ветуваа нова сала за Работнички, јас почнав да ја правам. Ветуваа неколку градоначалници пред мене, ако се сеќавате дури правеа идејни решенија. Ништо од тоа не бидна и салата повеќе од 50-60 години нема една шајка заковано, стои така“, рече Герасимовски.

Во емисијата, тој информираше дека во минатото имало идејно решение за нова општинска зграда, еден од градоначалниците го спровел, потрошил финансиски средства, но земјиштето не било во сопственост на општината.

„Се прави идејно решение на нешто што не е наша сопственост знаејќи дека кога би го добиле земјиштето, тогаш би можеле да почнат со градба. Сите тие се лажни ветувања, популистички ветувања за собирање на гласови за избори. Она што ние го ветивме е нова сала за клубот Работнички, како и нова општинска зграда. Изгубивме скоро 2 години за да го добиеме земјиштето. Откако го добивме во наша сопственост, знаејќи дека сега можеме да отпочнеме, направивме конкурс за идејно решение“, истакна Герасимовски.

Герасимовски посочи дека е задоволен од големиот интерес и пристигнати се 13 архитектонски решенија.

„Имавме Комисија што направи верификација, односно избор на три најдобри решенија што се наградени од страна на општината. Одвоени се финансиски средства од општинскиот буџет. Сите решенија ќе бидат презентирани за да имаат можност граѓаните да ги видат сите идејни решенија кои се доставени до општината. Верувам, односно бараме начин во текот на следната година да почнеме со реализација на овој капитален проект“, изјави Герасимовски.

Бараките на општината се од после земјотресот. После 60 години се бара решение со цел пофункционални простории, со помодерни и подобри услови за работа на вработените и поголема пристапност на жителите.

Проектот вклучува изградба на подземен паркинг со околу 300 паркинг места и простор за 100 велосипеди, со што ќе се реши проблемот со паркирањето во околината.

Општина Центар

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: Општина Центар

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан