Фрајбург: Најавената исхрана без месо во училиштата наиде на отпор кај граѓаните
- Одлуката за воведување строго вегетаријанска исхрана во училиштата и градинките наиде на отпор и кај Советот на родители.
Фрајбург, 20 октомври 2022 (МИА) - Одлуката на Градскиот совет на Фрајбург - целосно да се отстрани месото од менијата во градинките и училиштата наиде на отпор кај дел од граѓаните, но и кај Министерството за земјоделство на германската сојузна покраина Баден-Виртемберг.
„Месото е незаменлив дел од урамнотежената исхрана. Затоа Министерството за земјоделство не ја поддржува исклучиво вегетаријанската исхрана. Децата во текот на нивниот развој мора да бидат способни да развијат сопствено чувство за вкус со пробување разни намирници. Затоа во исхраната на децата е вклучено и месото“, се вели во соопштението на Министерството.
Одлуката за воведување строго вегетаријанска исхрана во училиштата и градинките наиде на жесток отпор и кај Советот на родители.
Градските власти го објаснуваат воведувањето на вегетаријанска исхрана со зголемените цени за месото и рибата, како и поскапувањето на храната од следната година. си/