• сабота, 27 јули 2024

Фон дер Лајен: ЕУ сака плодни и фер односи со Кина 

Фон дер Лајен: ЕУ сака плодни и фер односи со Кина 

Брисел, 5 декември 2023 (МИА) – ЕУ не ја гледа Кина само како трговски партнер и индустриска велесила, туку и како технолошки конкурент и воена сила, но и како глобален актер кој има поинакви и различни ставови за глобалниот поредок, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во интервју за АФП, водено во име на Европската новинска редакција (ЕНР), чија членка е и МИА, во пресрет на Самитот ЕУ-Кина што ќе се одржи во четврток и петок во Пекинг. 

- Мислам дека ова е самит на можности. Имаме многу сложени односи со Кина и ова е самит на повеќекратни можност што би може да се преземат. Пред се, во трговските односи ЕУ-Кина и дисбалансот, второ, за позиционирањето на глобалната сцена во однос на руската војна против Украина и кризата на Блискиот Исток, но и, на пример, за можностите што се на маса за здружување на силите во борбата против климатските промени и заштита на биодиверзитетот, истакна Фон дер Лајен. 

Таа нагласи дека ЕУ и Кина се важни трговски партнери, но Унијата има значителен дефицит и дисбаланс во трговијата со земјата, кој во последните две години достигна речиси 400 милијарди евра, што се должи и на субвенциите и повластиците што Пекинг им ги пружа на домашните компании и на ограничениот пристап на европските фирми до кинескиот пазар. 

- На единствениот пазар на Европската Унија, ние ја штитиме конкурентноста, фер конкурентноста. Затоа, сакаме фер конкурентност и кога станува збор за глобалните актери кои доаѓаат на нашиот единствен пазар, додаде Фон дер Лајен. 

Според неа, како што јави дописникот на МИА од Брисел, на Самитот со факти и бројки ќе се разговара за начините како да се надмине трговскиот дисбаланс меѓу ЕУ и Кина, во услови кога кинескиот извоз во Унијата е тројно поголем од европскиот извоз на кинескиот пазар. 

Кина е голем извозник на суровини и во иднина може значително да ја намали понудата за трговски партнери како што е Германија, за да ја подмири сопствената побарувачка, наведено е во извештај

- На секои три контејнери кои доаѓаат од Кина во Европа, два се враќаат назад празни. Трговијата на Европа кон Кина е малку повисока од трговијата кон Швајцарија. Значи, во наш интерес е да го ребалансираме трговскиот однос, потенцира претседателката на ЕК,  

Таа нагласи дека ЕУ има алатки за заштита на сопствениот пазар од ваквиот трговски дисбаланс, но претпочита да се најдат решенија преку преговори, додавајќи дека во интерес на двете страни е да постои одржлива трговија. 

Според неа, во последниве 20 години Кина се промени во однос на индустриското производство и технолошкиот напредок и систематски ја намали својата зависност од светот, а во исто време порасна зависноста на светот од Кина. 

- Во последните 20 месеци целосно се одвоивме од Русија. Не сакаме да се одвоиме и од Кина. Сакаме плодни и фер односи со Кина. Но, мораме да се ослободиме од ризикот. Ја научивме лекцијата за време на пандемијата кога видовме преголема зависност од еден единствен добавувач. Но, исто така, научивме горчлива лекција и со рускиот гас и руската уцена и нашата прекумерна зависност од Русија. Затоа, за нас е многу важно да ги отстраниме ризикот за нашите синџири на снабдување и да ги зајакнеме и диверзифицираме, порача Фон дер Лајен. 

Дваесет и шестата рунда трговски преговори помеѓу Кина и ЕУ завршува денеска, но без значаен напредок. Еврокомесарот за трогвија, Фил Хоган, предупреди дека Кина треба да вложи поголем напор.

Во врска со односот на Пекинг кон руската агресија врз Украина, Фон дер Лајен истакна дека Кина има важна улога во глобалните односи и како постојана членка на Советот за безбедност на ОН има специфична одговорност, па  затоа е важно да го искористи своето влијание врз Русија. 

- Наше барање е тие да го искористат своето влијание врз Русија за заштита на Повелбата на ОН, во врска со територијалниот интегритет и суверенитет на една земја, истакна претседателката на Еврокомисијата, додавајќи дека дел од дијалогот меѓу двете страни се и санкциите кон Москва. 

Во однос на климатските промени, Фон дер Лајен посочи дека и ЕУ и Кина ги чувствуваат нивните последици, па затоа во заеднички интерес на двете страни е да работат на преземање мерки за справување со нив. 

 - Имаме многу заеднички работи и соработуваме на полето во борбата против климатските промени и заштитата на биолошката разновидност. Кина е одговорна за 28 отсто од глобалните емисии на стакленички гасови, затоа е важно дали ќе дејствува решително. За споредба, на пример, Европската унија учествува само со седум проценти во емисиите на стакленички гасови, изјави Фон дер Лајен, додавајќи дека токму затоа од клучно значење е учеството на Кина во борбата против климатските промени. сп/

Фото: ЕБС/МИА Архива

Остани поврзан