ФИФА ќе побара да се вклучат футсалот и фудбалот на плажа во програмата на Олимписките игри
- Светската фудбалска федерација (ФИФА) ќе апелира до Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) да ги вклучи футсалот и фудбалот на плажа во програмата за олимписки спортови.
Цирих, 5 октомври 2024 (МИА) – Светската фудбалска федерација (ФИФА) ќе апелира до Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) да ги вклучи футсалот и фудбалот на плажа во програмата за олимписки спортови.
Како што објави „Глобо Еспорте“, во документот објавен на состанокот на советот на ФИФА овој четврток, во кој организацијата ги поставува своите стратешки цели за циклусот до 2027 година, се наведува дека организацијата ќе даде формален предлог за вклучување на футсалот и фудбал на плажа во Олимписките игри.
- Со оглед на нивото на учество ширум светот, ФИФА ќе предложи футсалот и фудбалот на плажа да се сметаат за посебни фудбалски дисциплини на Олимписките игри во иднина, се вели во текстот.
ФИФА исто така ќе бара зголемување на бројот на учесници на женски турнир во фудбал - од 12 до 16 репрезентации.
Под покровителство на ФИФА, од 1989 година почнаа да се играат Светски првенства во футсал, додека од 2005 година има Мундијали во фудбал на песок.
Бразил е шесткратен светски шампион на ФИФА во фудбал на плажа, откако ја освои својата шеста титула оваа година во Обединетите арапски емирати и пет пати светски шампион во футсал. зс/
Фото: ЕПА