• четврток, 19 декември 2024

Филипче ја презеде функцијата претседател на СДСМ, најави процес на реформи и обединување

Филипче ја презеде функцијата претседател на СДСМ, најави процес на реформи и обединување

Скопје, 3 јули 2024 (МИА) - Венко Филипче ја презеде функцијата претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) од неговиот претходник Димитар Ковачевски денеска во седиштето на партијата. 

СДСМ информира дека Ковачевски му го честитал изборот и му посакал „понатамошен успех во работата и повторно градење победнички СДСМ“.

Филипче се заблагодарил на честитките и за ангажманот на Ковачевски во изминатите години како претседател на партијата и како премиер на Владата.

Како што соопшти партијата, новоизбраниот претседател посочил дека „следува период на многу работа, обединување и реформа на СДСМ“. 

-Процесот нема да биде ниту брз ниту лесен, но освен темелни промени, не постои друг начин да ја вратиме довербата кај членовите, за да може постепено да ја освојуваме и довербата кај граѓаните. Ќе водам со пример, ќе обединувам и ќе работам како што ветив, како што се обврзав пред членовите. Сечиј глас ќе биде слушнат. Со честа и отворена комуникација со членството ќе создадеме нова енергија на партијата која ќе ја трансформираме во една ефикасна организација. СДСМ ќе се врати посилна и ќе продолжи да биде мотор на општествениот напредок, рекол Филипче.

Центарот за комуникации со јавноста на СДСМ во соопштението наведува дека поранешниот министер за здравство Венко Филипче „убедливо победи на директните внатрепартиски избори со освоени над 9000 гласа од членовите на партијата“.

-СДСМ е единствена партија во земјата со толку висок демократски капацитет којашто претседателот го избира на директни, непосредни внатрепартиски избори, стои во соопштението на партијата. хс/ац/

Фото: СДСМ 

Остани поврзан