• среда, 18 декември 2024

Уставниот суд оформи 11 нови предмети во јануари 2023 годин

Уставниот суд оформи 11 нови предмети во јануари 2023 годин

Скопје, 3 февруари 2023 (МИА) - Во текот на јануари 2023 година до Уставниот суд се оформени 11 нови предмети по претходно поднесени девет иницијативи за заштита на уставност и законитост, како и две барања за заштита на слободите и правата. Сите овие предмети, како што информираат од Уставниот суд, се предадени на работа кај тимови од советници и судии и се во почетна фаза од работењето, односно во претходна постапка.

Уставниот суд допрва ќе ги испитува наводите во иницијативите и барањата и ќе оформи реферати кои ќе содржат предлози за гласање на седница.

Ивана Талевска Трендафилова, адвокатка од Скопје, поднела иницијатива со која оспорува, решение на Основен граѓански Суд Скопје и решение на Апелациониот Суд Скопје.

 

- Подносителката ги наведува двете решенија од Основниот граѓански и Апелациониот суд Скопје како спорни и спротивни на членот 137 став 1 и 2 од Законот за парнична постапка кој предвидува дека тужба, платен налог, вонреден правен лек, пресуда, решение, донесено во постапка поради смеќавање на владение, како и решение против кое е дозволена посебна жалба, ќе се достават лично до странката која е физичко лице, односно до нејзиниот законски застапник, полномошник. Во иницијативата се наведува конкретна ситуација има два обида да се изврши уредна достава и ова е констатирано во првостепената пресуда, додека во пресудата од Апелација е утврдена сосема друга фактичка состојба, а е потврдено првостепеното решение, се вели во наводите од иницијативата, информираат од Уставен суд.

 

Александар Ристески, адвокат од Скопје, поднел иницијативата со која ги оспорува членовите 12 став 1 алинеја 3, став 2 во делот „претставници на Собранието на АКРСМ”, член 14 ставови 2, 3, 4, 5 и 6, член 15 став 2 во делот „повеќе од ⅓ од претставниците на Собранието”, член 17, член 36 во делот „од вкупниот број претставници” од Статутот на Адвокатската комора на Република Северна Македонија.

 

-Oспорените одредби го регулираат начинот на конституирање на Собранието на АКРСМ кои предвидуваат делегатски систем на избор, односно конституирање на Собранието на АКРСМ кои според подносителот се посредни и недемократски, бидејќи Адвокатската комора согласно Законот за адвокатурата претставува своевиден специфичен облик на еснафско здружение и како такво мора да функционира. Подносителот наведува дека иако со Устав, во членот 53 адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања, тоа не значи можност за регулирање на внатрешните односи во комората, вклучувајќи ги и статутарните одредби. Се наведува дека во сите облици на здружување на граѓаните или сите членови на здружението треба да бидат членови на Собранието или членовите/пратениците во Собранието на здружението треба да се бираат непосредно на демократски избори со тајно гласање и во гласачки кутии и секој друг начин на конституирање на претставничките органи е недемократски и неуставен бидејќи гласањето не е тајно, се недвува во иницијативата.

Младен Трајков, ја оспорува одлука со која се утврдува нивото на гравитирање на јавните паркиралишта, катни гаражи и јавни површини наменети за паркирање на привилигирани категории корисници,  јуни 2022 година од Јавното претпријатие за јавни паркиралишта Градски паркинг-Скопје

-Подносителот наведува дека оспорената Одлука е незаконита и е во спортивност со надлежностите и овластувањата на ЈП Градски паркинг Скопје, бидејќи се овозможува на новоизградените згради да го узурпираат просторот кој според него припаѓа на жителите од неколку згради кои имаат дозвола од 1993/1994 година од кога се изградени, бидејќи инвеститорот на новоизградените згради не обезбедил паркинг места, се вели во наводите од иницијативата.

Подносителот на иницијатива Љубе Темелков, оспорува одлука бр. 08-882/19 од 28.12.2022 година од Советот на Општина Неготино за Буџет на општина Неготино за 2023.

 

-Подносителот ја оспорува одлуката на Советот на Општина Неготино бидејќи според него претходно не е усвоен буџетски календар, што е спротивно на член 27 став 4 и 5 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа. Се наведува дека градоначалникот не ги усвоил нацрт-програмите за 2023 година кои потоа треба јавно да  бидат објавени, се вели во иницијативата.

 

Во иницијативата на Валентин Пепељугоски и други, се оспорува члeн 6 став 2, член 37 став 2, член 111 став 4 и 5, член 123 став 1, член 138 став 3, член 139 став 2 од Законот за заштита на потрошувачите.

 

-Подносителот наведува дека со Уставниот амандман V покрај македонскиот јазик е предвидено дека „друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните е исто така службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член” и смета дека ова се однесува како обврска на државата и институциите, но не и на приватните лица. Исто како и уставното уредување, Законот за употреба на јазиците е насочен за регулирање на односот и јазикот помеѓу државните единици и правни лица со јавни овластувања од јавен интерес и не го опфаќа начинот на комуникација меѓу приватните лица како ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото. Се наведува дека трговецот има обврска за јасно и видливо информирање на потрошувачите од аспект на амбалажа, налепница, упатство, декларација, сертификат и/или друг документ да му даде прецизни информации на потрошувачот за стоката, се вели во иницијативата.

Во иницијативата од Коста Антовски, се оспорува одлуката за зголемување на данокот на имот за три пати, само за граѓаните кои имаат стан во Општина Охрид, а не се жители на општината.

-Подносителот наведува дека со оспорената одлука е повреден членот 9 од Уставот кој предвидува дека сите граѓани уживаат еднакви права, се вели во наводите од иницијативата.

 

Градоначалникот на Општина Македонска Каменица Димчо Атанасовски, поднел иницијатива со која се оспорува Решение на Совет на Општина Македонска Каменица бр.08-2337/1 од 12.12.2022 година.

 

-Подносителот на иницијативата тврди дека со донесеното Решение неосновано се разрешени 4 члена на Управен одбор на КИЦ „Романса” Македонска Каменица, а се именувани нови 4 члена. Се наведува дека се прекршени одредби од Законот за култура бидејќи е спротивно на членот 35 од законот. Подносителот наведува дека не е утврдено неизвршување на функцијата на членовите на Управниот одбор  и дека не сториле повреда со која би ја загрозиле нивната надлежност, стои во наводите од иницијативата.

 

 

Градоначалник на Општина Македонска Каменица.Димчо Атанасовски со друа иницијатива, ја оспорува и одлука на Советот на Општина Македонска Каменица бр. 08-2487/1 од 28.12.2022 година.

-Се наведува дека Советот на Општина Македонска Каменица донел одлука за Буџет за 2023 која е спротивна на Законот за буџети бидејќи се направени амандмански измени за кои не постои законска можност. Се наведува како пример укинувањето на веќе донесена развојна програма и донесување на нова развојна програма со амандман број 13, исто така со амандман број 21 се укинати средства за заштита и спасување иако за тоа има законска обврска и укажувања од инспекциските надзори од ДЗС за задолжителни средства во Буџетот за таа намена итн, се вели во наводите од иницијативата.

 

Адвокат Валентина Тошиќ Мишевска поднела барања со кое се оспорува решение II.П3 бр.4/2021 од 24.03.2022 година донесено од Основен суд Куманово и Решение ГЖ. бр.1344/22 од 13.10.2022 година донесено од Апелациониот суд Скопје.

-Подносителката наведува дека е казнета со парична казна во висина од 300 евра поради јавно изразување на слободата на мислата, а е казнета како да го навредила Основниот суд Куманово во постапка во која застапувала клиент-тужител на судска постапка за делба на заеднички имот стекнат во брак. Имено, подносителката тврди дека користејќи го правото на конструктивна критика кон судот како право на јавно изразување на мислата навела дека судот нестручно и непрофесионално одлучил кога воопшто не одлучил да се досудат трошоци кои му следуваат на тужителот со тужбеното барање, се наведува во барањето.

Во иницијативта на Славко Димитров се оспорува Член 1 од Правилникот за имени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци донесени од Собранието на Здружението на заштита на авторски музички права ЗАМП од Скопје, објавен во „Службен весник” број 281 од 22 декември 2022 година.

-Во иницијативата се наведува дека оспорените одредби предвидуваат контрадикторен начин на начелата утврдени во членот 2 од Статутот на ЗАМП од што произлегува дека ЗАМП покрај повредата врз членот 2 го повредува и едно од темелните вредности на уставниот поредок, владеењето на правото, бидејќи го одзема или ограничува правото на сопственост и правата кои произлегуваат од неа. Се наведува дека ЗАМП неосновано ги фаворизира оние автори чии музички дела се со траење подолго од 4 минути, а се дискриминирани оние чии авторски музички дела траат помалку од 4 минути. Дополнително подносителот тврди дека ЗАМП им го одзел правото на целосна и правична исплата на надоместоците  на оние кои навреме не ги пријавиле своите дела и за нивна сметка ги наплатил од корисниците на нивните објавени музички дела, се наведува во иницијативата.

 

Новинарката Душица Мрѓа, поднела барање, во која се оспорува пресуда П4-696/21 од 12.11.2021 на Основниот граѓански суд и Пресуда ГЖ-691/22 од 24.11.2022 година од Апелациониот суд Скопје.

-Подносителката смета дека двата суда и го повредиле правото на слобода на изразување пропуштајќи ја можноста во пресудите да утврдат дека како новинарка на 27 април 2017 година државата прво не ја гарантирала нејзината безбедност при извршување на работните задачи во Собранието на Република Северна Македонија и била оневозможена да известува слободно за настаните кои се одвивале таму. За подносителката е спорно што во пресудата Апелациониот суд прифатил дека не била доведена во прашање слободата на изразување за настаните, бидејќи таа слобода ја реализирала во дебатни емисии во наредните денови, но не е разјаснето дали таа имала можност да ја реалзира слободата критичниот ден. Во барањето се спори наведеното од пресудите а тоа е дека нема повреда на правото на слободата на изразување бидејќи терористички акти се забранети на секое место во државата, вклучително и Собранието, па така можело да се случи и на улица или било каде, а државата е должна да се справи со истите и пред се да ги заштити граѓаните од смрт, повредување и оштетување или уништување на имот и фактот што во Собранието влегле лица кои не требало да се таму, според судот не ги дерогира законите, ниту значи дека на тужителката и било оневозможено слободното изразување, се наведува во барањето, информираат од Уставен суд. аа/

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан