• недела, 22 декември 2024

УНХЦР: Минатата година во Србија влегле 108.828 бегалци и мигранти

УНХЦР: Минатата година во Србија влегле 108.828 бегалци и мигранти

Белград, 10 март 2024 (МИА) - Според официјалните податоци, минатата година во Србија влегле 108.828 бегалци и мигранти, а во моментов во некои од центрите за азил и прифатни центри се сместени 1.162 лица, како и 4.200 бегалци од Украина од кои 1.089 се под привремена заштита, изјави денеска претставникот на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) Суфијан Аџали.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Аџали за денешното издание на Политика кажа дека во 2023 година 196 лица поднеле барање за азил во Србија, а девет од нив го добиле.

Тој додаде дека најголем број бегалци и мигранти кои влегле во Србија има од Сирија - 45 отсто), 22 отсто од мигрантите дошле од Авганистан, потоа од Мароко и Пакистан. Мнозинството од бегалската и мигрантската популација го сочинуваат возрасни мажи. Децата без придружба се особено ранлива група, кажа тој.

-Од почетокот на војната во Украина, во Србија влегле повеќе од 335.500 граѓани на таа земја. На крајот на јануари годинава во Србија имало околу 4.200 бегалци од Украина, а на крајот на февруари под привремена заштита биле 1.089 лица, рече Аџали.

Тој изјави дека постои загрижувачки тренд што терминот „мигрант“ се користи и за бегалците и за мигрантите.

-Ова не само што е неточно, туку може да доведе до сериозни последици за луѓето на кои им е потребна меѓународна заштита. Погрешното означување на бегалците и барателите на азил како мигранти (или како „илегални“, „недокументирани“ пристигнувања) го ограничува нивниот пристап до посебна правна заштита - вклучувајќи го право да ги премине границите за да побара и добие азил, објасни Аџали.

Тој изјави дека бегалците се прецизно дефинирани и заштитени во меѓународното право и дека тоа се луѓе кои ги напуштиле своите домови поради страв од прогон, конфликт, насилство или сериозно кршење на човековите права и кои бараат безбедност во друга земја. об/мс/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан