• четврток, 02 мај 2024

УКЛО и Општина Битола со заеднички активности во рамки на АЕУ КОЛОРС

УКЛО и Општина Битола со заеднички активности во рамки на АЕУ КОЛОРС

Битола, 25 март 2024 (МИА) - Универзитетот „Св. Климент Охридски“ и Општина Битола, во рамки на програмите на Алијанса на европски универзитети – АЕУ КОЛОРС ќе реализираат заеднички активности и меѓусебно ќе се поддржуваат, истакнаа на прес конференција во Битола, ректорот Игор Неделковски и градоначалникот Тони Коњановски.

Европските алијанси се иницијатива на ЕУ и во иднина ќе се формираат 60 универзитетски алијанси со околу 500 универзитети и притоа ќе се реализираат заеднички истражувања и ќе добиваат заеднички меѓународни дипломи. Со членството во АЕУ КОЛОРС, битолскиот Универзитет се именува како Европски Универзитет, истакна ректорот Неделковски.

-Алијансата обединува девет европски универзитети со колу 126.000 студенти и 12.300 вработени. Целта е да се зајакне соработката на долг рок, да се зголеми меѓународната видливост и да се промовира мобилноста на студентите и истражувачите во Европа. Посебно значајно за ова членство е тоа што студентите може активно да учествуваа во студентските програми. Студентите запишувајќи се на матичниот универзитет во иднина ќе може да полагаат испити и во другите универзитети членки на КОЛОРС и да се стекнат со меѓународно призната диплома. Или со други зборови, студирајќи на УКЛО, студентите ќе може да полагаат на универзитетите во Осиек-Хрватска, Ламанча-Шпанија, Падерборн-Германија и други, вкупно девет универзитети, посочи ректорот Неделковски.

Општина Битола со јасна и недвосмислена поддршка на УКЛО како досега, така и во иднина ќе се вклучува во активностите на академската заедница, нагласи градоначалникот Тони Коњановски, на прес конференцијата во битолскиот Ректорат.

-Влезот во семејството на европски универзитети е важно за нашиот град како универзитетски центар. Градот со ова членување во Алијансата добива голема работа и воедно признание за досегашната соработка меѓу општината и универзитетот, вмрежувањата и други активности. Ние даваме и ќе даваме придонес за градот, ќе создаваме можности за квалитетно образование и ќе поддржуваме заеднички програми како што е студентската пракса за студенти во општинската администрација и други институции чиј основач е Општина Битола, посочи Коњановски.

Во следниот период, а во рамки на Локалниот економско социјален совет-ЛЕСС, претставници на УКЛО директно ќе придонесуваат во креирањето на предлози и решенија за локален развој, а ќе биде отворена и заедничка канцеларија, беше посочено на денешната прес конференција во Битола.мт/са/

Фото: МИА

Остани поврзан