• петок, 22 ноември 2024

Тошковски - Јодер: Продлабочување на соработката со стратешкиот партнер САД за просперитетна и безбедна иднина

Тошковски - Јодер: Продлабочување на соработката со стратешкиот партнер САД за просперитетна и безбедна иднина

Скопје, 9 јули 2024 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во рамките на посетата на САД, како дел од владината делегација која ќе учествува на Самитот на НАТО на кој се одбележува 75 години од постоење на Алијансата, се сретна со Брендон П. Јодер, заменик помошник-секретар на Бирото за меѓународни наркотици и спроведување на законот (INL).

На состанокот, како што соопштија денеска од МВР, било разговарано за значајните аспекти на соработката со нашиот стратешки партнер САД, како и интеграцијата во Европската Унија, процес кој, како што нагласуваат е од клучно значење за иднината на Македонија.

-Исто така, разговаравме и за системот за гранично управување и нашиот план за реформи во овој дел кои подразбираат и користење на технолошките достигнувања во насока на поефикасен надзор на зелената граница, потенцирал по средбата министерот Тошковски.

Една од најважните теми на средбата, според МВР, била и борбата против организираниот криминал и високата корупција и можностите за соработка во делот на обуки и јакнење на човечките и материјалните ресурси, со цел поуспешно справување со овие предизвици.

-Оваа средба беше одлична можност за потврда на нашата посветеност и продлабочување на соработката со САД, со цел постигнување на нашите стратешки цели и да обезбедиме безбедна и просперитетна иднина за нашите граѓани, потенцирал министерот Тошковски по средбата со американскиот заменик помошник-секретар на Бирото за меѓународни наркотици и спроведување на законот (INL) Брендон П. Јодер. сст/са/

Фото: МВР

Остани поврзан