• недела, 19 мај 2024

Токаев се подготвува за предвремени избори, ќе бара втор мандат на чело на Казахстан

Токаев се подготвува за предвремени избори, ќе бара втор мандат на чело на Казахстан
Нур - Султан, 1 септември 2022 (МИА) - Во план се предвремени избори во наредните месеци, информираше денеска претседателот на Казахстан, Касим - Жомарт Токаев за време на годишното обраќање пред Парламентот. Тој ќе бара втор мандат на чело на поранешната советска република. Токаев предложи и одржување на предвремени парламентарни избори на почетокот од следната година. Најавите следуваат откако неговиот претходник, поранешниот моќен лидер на Казахстан, Нурсултан Назарбаев, беше турнат во политичка сенка, по насилните немири и уставниот референдум. Казахстанците на гласањето ги прифатија амандманите што го децентрализираа одлучувањето во земјата, а на Назарбаев му беше одземен статусот „национален водач“. Токаев е избран на првиот петгодишен мандат во 2019 година. Тогаш, Назарбаев експресно ја напушти функцијата претседател по речиси три децении на власт. Назарбаев го поддржа Токаев и ја обезбеди неговата победа, а за себе си задржа големи овластувања преку безбедносниот совет и владејачката партија. Односот меѓу двајцата се влоши по немирите во јануари, а Токаев ги укина останатите овластувања за поранешниот претседател, додека неговото семејство беше отстрането од клучни функции. Токаев предложи и продолжување на претседателскиот мандат на седум години и ограничување на само еден мандат. Тој најави и потези што би требало да му донесат поголема поддршка од граѓаните, како раст на минималната плата од 17 отсто и пренасочување пола инвестиции од Националниот фонд на лични сметки на деца под 18 години, за стипендии и решавање на станбеното прашање. Фондот „за црни денови“, вреден 53 милијарди долари, акумулира голем дел од приходите од казахстанскиот нафтен и рударски сектор. бд/сд/

Остани поврзан