Таравари: Предуслов за започнување на преговорите за коалицирање е европскиот пат на државата
- Претседателскиот кандидат од Европскиот сојуз за промени, Арвен Таравари, денеска на прес-конференција го потврди ставот дека нема да коалицираат со партија која е против уставните измени и е против бришењето на дваесте проценти за албанскиот јазик.
Скопје 21 март 2024 (МИА) - Претседателскиот кандидат од Европскиот сојуз за промени, Арбен Таравари, денеска на прес-конференција го потврди ставот дека нема да коалицираат со партија која е против уставните измени и е против бришењето на дваесте проценти за албанскиот јазик.
Вели предуслов за започнување на преговорите за коалицирање е европскиот пат за Македонија, истакнувајќи дека двете македонски партии во одредени периоди кажале дека ова не им пречи.
– Мицкоски некаде во април или март имаше интервју за „Коха“, каде рече дека не му пречи, Заев исто така го кажа тоа кога се случи преспанскиот договор, Ковачевски и Пендаровски исто така. Мислам дека тоа е веќе нешто што постоело во Македонија, не е нешто ново. Со Уставот од 1974 година во Македонија официјални јазици беа македонски, албански, турски, немаа ни проценти ни бројка. Ако ни најдат еден Устав во светот каде што употребата на јазик на која било етничка заедница стои со проценти или бројки, ние ќе го тргнеме ова, рече Таравари.
Дали ќе прифатат коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, која е против внесување на бугарите во Уставот, Таравари вели „доколку некој не е подготвен да го продолжиме европскиот пат на Македонија, ние не сме тука“.
- Тоа е предуслов, не услов. Јас не велам веднаш за 10 дена, меѓутоа да имаме одреден лимит и гаранции од меѓународниот фактор дека тоа ќе се случи, нема никаков проблем за кој било, дали ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ. Ова е став на сите политички партии на Албанците. Има еден џентлменски договор меѓу нас дека не би биле никогаш дел од некоја влада која што нема да прифати Македонија да го продолжи европскиот пат, бидејќи немаме друга алтернатива. Ние не сакаме да ни се повтори Букурешт 2008 година и да талкаме уште 10 години, тоа не е добро ни за Македонците, ниту за Албанците, ниту за Турците кои што живеат тука, рече Таравари.
На претходната прес-конференција Таравари ги покани на дебата шестмината претседателски противкандидати, за кои рече дека досега добил одговор само од актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски, кој рекол дека не смее да учествува на вакви дебати пред да започне официјалната кампања, бидејќи се уште ја врши функцијата претседател на Република Северна Македонија.
– Пред да дојдам на оваа прес-конференција случајно се сретнавме со претседателот Пендаровски и разговаравме кратко, со што ми кажа дека не смее да учествува на вакви дебати, пред да започне официјалната кампања, бидејќи се уште ја врши функцијата претседател на Република Северна Македонија. Инаку тој е единствениот кој ми одговори на пораката, од другите немам одговор за дебатата во сабота во 12 часот, без разлика дали ќе дојдат или нема да дојдат ние ќе ја одржиме, јас би сакал сите да учествуваат, рече Таравари.
Посочи дека вчера лично им испратил порака на кандидатите од кои имал телефонски броеви.
– Освен што беше јавен повикот, јас на неколку од кандидатите од кои имам броеви, Пендаровски, Максим Димитриевски, Бујар Османи, лично им испратив СМС порака уште вчера. Досега одговор имам од претседателот Пендаровски, од никој друг. Кога не одговараш – прифаќаш, јас се надевам во сабота ќе бидат присутни на нашата дебата, бидејќи вакви дебати ни требаат, рече Таравари.
Денешната прес-конференцијата ја карактеризираше со двојна цел, давање преглед на составот и целите на идниот претседателски кабинет, како и потврдување на неговата непоколебливост кон принципите на демократијата, инклузивноста и напредокот.
– Епицентарот на нашата кампања е единство и промени. Нашиот слоган „Промените вредат“ беше резултат на силната и долгоочекуваната волја кај Албанците, која со целосна посветеност и непоколебливост се стреми кон инклузивност и меѓупартиска соработка. Моето претседателствување ќе се води од европските вредност, обеазбедувајќи секоја одлука да се заснова на принципите на демократијата, човековите права и социјалната правда, рече Таравари.
Тој го претстави дел од својот изборен тим, Калтрина Зеќири – Шаќири, од правниот факултет на Универзитетот „Мајка Тереза“, Талир Хасан, доктор по медицински науки, Бали Абдули, магистер по право, за кој Таравари рече има огромно искуство со невладини организации, како и Земри Елези, од правниот факултет на Штуловиот универзитет. ра/ац/
Фото: МИА