Во Скопје отворена изложбата „Конзуларните претставништва на Црна Гора 1880 - 1914“
- Во НУ Музеј на македонската борба за самостојност денеска беше отворена изложбата „Конзуларните претставништва 1880 - 1914“ подготвена од Државниот архив на Црна Гора. Автори на изложбата, која ќе биде поставена седум дена и ќе биде достапна за сите заинтересирани, се м-р Вукота Вукотиќ и Јелена Николиќ, архивисти од Државниот архив на Црна Гора.
Скопје, 11 ноември 2025 (МИА) - Во НУ Музеј на македонската борба за самостојност денеска беше отворена изложбата „Конзуларните претставништва 1880 - 1914“ подготвена од Државниот архив на Црна Гора. Автори на изложбата, која ќе биде поставена седум дена и ќе биде достапна за сите заинтересирани, се м-р Вукота Вукотиќ и Јелена Николиќ, архивисти од Државниот архив на Црна Гора.

Изложбата содржи над 200 документи и фотографии кои ја прикажуваат работата на конзуларните претставништва на Црна Гора во Италија, Франција, Велика Британија, САД, Канада, Бразил и во други држави во светот.

Вукота Вукотиќ, еден од авторите на изложбата истакна дека нивната цел била преку оваа изложба да ја покажат вредноста на документите што се чуваат во Државниот архив на Црна Гора, а кои се однесуваат на почесните конзули.

-Темата за почесните конзули на Кнежевството/Кралството Црна Гора остана доста слабо опфатена во нашата историографија. Иако фондовите на Државниот архив содржат значителен број документи поврзани со нивната активност и улога во ширењето на угледот на Црна Гора во светот, сè уште немаме студија што би се занимавала со ова прашање. Со оглед на обемноста на мрежата на црногорски почесни конзулати, која се протегаше на четири континенти, како и важноста на луѓето кои ги обавуваа овие должности во своите земји, ова е тема која заслужува достојно внимание, рече Вукотиќ.

Исто така, како што нагласи Вукотиќ, со оваа изложба сакале да го насочат вниманието, пред сè ,на научната јавност во Црна Гора кон прашањето за почесните конзули, со цел тие да добијат соодветно место во црногорската историја.
-Работата на овие луѓе за промоција на Црна Гора и издигнување на Црна Гора и подигнување на нејзиниот углед во светот е голема, и затоа е наша должност да им се оддолжиме на најдобар можен начин и да ги извлечеме од историската анонимност. Нивната активност придонесе и за економското подобрување на Црна Гора преку зголемување на нејзината трговија во бројни сообраќајни пристаништа, уредувањето и безбедноста на многу наши емигранти пред властите на тие земји, а тука е и хуманитарниот аспект на нивниот ангажман. Сето ова значи дека преку оваа изложба, како научно-популарна форма, го привлекуваме вниманието и ја истакнуваме важноста на оваа тема во нашата историја. Со презентирање само на мал фрагмент од зачуван архивски материјал за почесните конзули, се обидовме да откорнеме од заборав важен сегмент од црногорската историја кој заслужува посебно место и внимание. Затоа, се надеваме дека оваа изложба ќе предизвика понатамошен научен интерес за оваа тема, така што таа ќе биде соодветно обработена во нашата историска наука, истакна авторот Вукотиќ.

Директорката на Државниот архив, проф.д-р Наташа Котлар-Трајкова истакна дека ова е една прекрасна изложба, која доаѓа како резултат на соработката меѓу двата национални архива и по изложбата за АСНОМ која во септември годинава во Цетиње имаше можност да ја види црногорската јавност.
-Во разговорите сфативме дека градот Цетиње и градот Скопје во 1944 година се ослободиле на исти датуми, на 13 ноември. Со оглед дека и тука имаме некоја специфика, но она што не спојува е нашата антифашистичка борба и се договоривме да направиме две изложби – едната беше поставена во септември во Црна Гора, каде беше претставена нашата изложба за АСНОМ како суверен израз на македонскиот народ за самостојност. Изразувам голема благодарност на нашите колеги од Црна Гора, рече Котлар-Трајкова.
Целта на изложбата во Цетиње, како што беше соопштено од нашиот Државен архив, е афирмација на антифашистичкото минато на Македонија и темелните вредности на кои е создадена современата македонска држава. фф/вг/
Фото: МИА