• среда, 26 јуни 2024

Сценарија за реконструкција на грчката Влада во следните денови

Сценарија за реконструкција на грчката Влада во следните денови

Атина, 11 јуни 2024 (МИА) – По европските избори на кои Нова демократија доби 28,3 отсто, а грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис посочи дека партијата не ја постигна поставената цел, односно резултатот од претходните евроизбори што беше 33 отсто, во Грција сè погласни се сценаријата за реконструкција на Владата во следните денови, јави дописничката на МИА од Атина.

Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис за државната телевизија ЕРТ утрово рече дека „реконструкцијата е ексклузивна привилегија на премиерот“ и кога ќе постои таква одлука, ќе биде соопштена.

-Ако кажеме дека сè е перфектно, тоа е исто како да кажеме дека вечерта на изборите не ги видовме резултатите. Во однос на целта што ја поставивме, не можеме да кажеме дека бевме задоволни. Но, главното е дека граѓаните со неизлезноста испратија некои пораки што се многу конкретни. Факт е дека треба да ја приспособиме нашата стратегија, да забрзаме некои прашања, да слушаме што има народот да ни каже за во следните три години да не доведе до решавање на што е можно повеќе проблеми на граѓаните, рече Маринакис.

Засега не постојат информации дали грчкиот премиер планира драстични промени во владиниот состав или ќе направи мали корекции. 

Веднаш по соопштувањето на изборните резултати во неделата, Мицотакис рече дека пораката од граѓаните била „имаме доверба во вас, но потрудете се повеќе“.

Грчкиот премиер утрово се сретна со новите европратеници од Нова демократија, а веројатно в петок ќе се одржи владина седмица

Нова демократија има седум европратеници, меѓу кои и градоначалникот на албанскиот град Химара, кој моментално е во затвор во Албанија, тројца од избраните се партиски членови, двајца се новинари, а еден беше директор на Канцеларијата за односи со јавност на Мицотакис.

На европските избори Нова демократија доби 1.125.602 гласа, наспроти 1.873.137 на евроизборите во 2019 година и речиси двојно помалку од парламентарните лани, кога победи со 2.115.322 гласа. ср/

Остани поврзан