• недела, 22 декември 2024

Европската комисија ги одобри реформските агенди за пет земји од Западен Балкан

Европската комисија ги одобри реформските агенди за пет земји од Западен Балкан

Брисел, 23 октомври 2024 (МИА) - Европската комисија денеска одобри реформски агенди за пет партнери од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Северна Македонија, со што се отвора патот за исплати од Инструментот за реформа и раст, вреден шест милијарди евра.

Комисијата ги одобри реформските агенди на Албанија, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, кои вклучуваат обврски за спроведување на социо-економски и фундаментални реформи за поттикнување на раст и приближување кон ЕУ во периодот од 2024 до 2027 година.

Како што се додава во соопштението објавено на сајтот на Еврокомисијата, овој чекор бил клучен за да се овозможат плаќања во рамките на Инструментот за реформи и раст на ЕУ од шест милијарди евра, кои ќе бидат направени по завршувањето на договорените реформски чекори.

Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, го пофали трудот на партнерите од Западен Балкан, истакнувајќи дека нивната посветеност кон реформите е голем чекор напред кон членството во ЕУ.

- Импресионирана сум од работата на нашите партнери од Западен Балкан на нивните реформски агенди. Тоа покажува дека тие се посветени на успехот на Планот за раст. Тоа е нашиот Патоказ за да ги доближиме економиите од Западен Балкан до нашата и да им дадеме на нивните компании пристап и средства да се натпреваруваат на нашиот единствен пазар. Сите имаат корист, а тоа е голем чекор кон Европската унија, изјави претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, која дене4ска ја започнува западнобалканската турнеја. ссм/

фото: архива

 

Остани поврзан