• недела, 22 декември 2024

Косово против моделот за миграција предложен од Албанија и Италија

Косово против моделот за миграција предложен од Албанија и Италија

Приштина, 23 октомври 2024 (МИА) - Премиерот на Косово, Албин Курти, се противи на продолжување на договорот Рама-Мелони за мигранти и примената на овој модел во други земји на Балканот.

Во интервју за Еурактив, Курти изјави дека повторувањето на овој модел би предизвикало загриженост во врска со човековите права, пренесува денеска Јуроњуз Албанија.

- Ако се изградат центри за репатријација слични на оние во Албанија во други земји на Западен Балкан, како можеме да осигуриме дека ќе се почитуваат правата на притворените лица?, праша Курти, нагласувајќи дека овие центри ќе ја оптоварат „совеста на граѓаните на Балканот и на Европската Унија“.

Договорот помеѓу премиерите на Албанија и Италија, Еди Рама и Џорџа Мелони, не наиде на противење во ЕУ, барем не од страна на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Меѓутоа, дојде до пресврт кога италијанскиот суд нареди враќање на африканските мигранти од Албанија само два дена по нивното пристигнување, пишува Јуроњуз.

- Привременото прифаќање на бегалците во случај на итност, секако, секогаш е возможно. На пример, прифаќањето на авганистанските граѓани на Балканот кога талибанците ја презедоа власта, но ова не може да се споредува со моделот за кој зборуваме. Станува збор за луѓе за кои треба да се води грижа, рече Курти.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера на состанок со премиерите на Словачка, Роберт Фицо, и Унгарија, Виктор Орбан, ја отфрли идејата дека Србија би можела да биде точка за мигранти на пат кон Европската Унија, по примерот на соработката меѓу Албанија и Италија.

- Се разбира дека не стануваше збор за тоа, и не би се согласил под никакви услови Србија да биде хoтспот. Никој не го бара тоа од нас. Ниту нè прашуваат, бидејќи не би се согласил. Понудија помош, разни видови помош, изјави Вучиќ на заедничката прес-конференција по состанокот.

Договорот помеѓу Италија и Албанија предвидува Тирана да прифати 3.000 мигранти месечно кои ќе ги преземе италијанската крајбрежна стража. Тие би чекале во Албанија за одлука за можна азилска постапка во Италија или за протерување во своите матични земји.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони претходно го поздрави овој договор како „нов модел“ за решавање на илегалната миграција.

Судот во Рим минатиот петок го одби враќањето на првите 12 мигранти во Албанија, наведувајќи дека тие не можат да бидат вратени во своите матични земји – Бангладеш и Египет, бидејќи судот ги смета овие земји за небезбедни. ссм/

фото: архива

Остани поврзан