• понеделник, 29 април 2024

Средба Тошковски - Гир: Соработката на делегацијата на ЕУ и МВР ќе продолжи со несмален интензитет

Средба Тошковски - Гир: Соработката на делегацијата на ЕУ и МВР ќе продолжи со несмален интензитет

Скопје, 8 февруари 2024 (МИА) - Соработката меѓу Делегацијата на ЕУ во државата и МВР ќе продолжи со несмален интензитет. Ова го заклучиле министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир, на денешната работна средба, на која присуствуваа заменик-министерот Назим Буши и дополнителниот заменик-министер Митко Бојмацалиев.

Тошковски го запознал евроамбасадорот со заедничкото функционирање на МВР во техничката Влада, кое, како што рекол, има за цел законито и професионално постапување во насока на организирање и спроведување на фер и демократски изборен процес.

Како што информираат од МВР, министерот Тошковски ја истакна блокадата од страна на Владата да бидат усвоени сите осум предлог позиции во министерството кои треба да раководат со Секторите за внатрешни работи низ државата и наместо тоа од страна на Владата е добиена согласност за седум вакви позиции.

Тошковски ги образложил и преземените мерки со цел ублажување на процедурите за издавање на лични документи за да можат граѓаните на еден, како што велат од МВР, достоинствен начин да дојдат до својот личен документ. Во тој контекст, тој укажал и на почитување на правните процедури во однос на рокот на важност на патните исправи, ставајќи се во улога на заштита на човековите права во однос на слободното движење на граѓаните.

- Со неможноста за навремено издавање на патни исправи на граѓаните, се нарушува ова основно човеково право, истакна министерот Тошковски.

Воедно, тој посочил и на тоа дека ниту една друга држава, освен матичната, не може да укине важност на патни исправи на друга држава.

- Со оглед на тоа дека овој процес е во надлежност на Министерството за надворешни работи, останува отворено прашањето дали министерот за надворешни работи ќе го употреби моментот да ги извести државите во светот дека македонските патни исправи престануваат со важност на датумот предвиден согласно Преспанскиот договор, соопштуваат од МВР.

На средбата, амбасадорот Гир се заблагодарил за успешната соработка со МВР и ги потенцирал областите и проектите во кои таа досега има постигнато најголем интензитет, ставајќи акцент на соработката во областа на сајбер безбедноста, особено во изборните процеси кои следат, за што делегацијата на ЕУ стои на располагање да даде поддршка доколку има потреба за тоа.

Дополнителниот заменик-министер Бојмацалиев се заблагодарил за досегашната соработка со делегацијата на ЕУ, пред сè при отворањето на Интернет центарот во Прилеп и зградата за форензика во кругот на МВР, кои, како што нагласуваат од Министерството, значајно влијаат за подобрувањето на капацитетот на МВР.

На крајот од средбата, соговорниците се согласиле дека соработката на делегацијата на ЕУ и МВР ќе продолжи да се одвива со несмален интензитет, а со тоа ќе се стави посебен акцент на продолжување на веќе отпочнатите проекти, со што, како што велат од МВР, се потврдува зацртаната цел на државата на патот кон полноправно членство во Европската Унија. ир/нд/

Фото: МВР

Остани поврзан