• понеделник, 20 мај 2024

Средба на претседателот на Собранието Митрески со британскиот амбасадор Лосон

Средба на претседателот на Собранието Митрески со британскиот амбасадор Лосон

Скопје, 13 февруари 2024 (МИА) - Претседателот на Собранието на РС Македонија, Јован Митрески денеска имал средба со британскиот амбасадор Метју Лосон, соопшти собраниската прес-служба. На средбата била присутна и заменичката на амбасадорот Џулија Смит.

Митрески на средбата ги констатирал одличните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство (ОК) во светло на 30-годишниот период на воспоставени дипломатски односи. Додал дека е особено горд што Обединетото Кралство е нашиот втор трговски партнер и еден од најголемите директни инвеститори, а од друга страна РС Македонија е најголемиот трговски партнер на Обединетото Кралство од регионот на Западен Балкан.

- Претседателот особено го истакна значењето од консенсуалното донесување на Законот за Националната развојна стратегија, проект кој го започна Британската Влада со заедно со ОН, кој беше позитивно прифатен од сите политички партии во Собранието и општествените чинители во земјава, се наведува во соопштението.

Амбасадорот Лосон изразил особена благодарност во овој контекст и подвлекол дека Британската Влада е отворена за секаква помош на земјата и нејзините институции, во градењето и одржувањето на функционална и стабилна демократија.

- Тој се интересираше за тековните активности во Собранието, приоритетите на работа во наредниот период, динамиката на донесување на закони и други одлуки, како и за обврските на Собранието и другите државни институции во претстојните изборни процеси за претседателските и парламентарните избори, се додава во соопштението.

Во текот на средбата, соговорниците споделиле свои видувања во однос на идните активности на Собранието, приоритените закони за кои ОК може да овозможи стручна поддршка, како и за развојните перспективи на земјата во целина. цр/нд/

Фото: Собрание на РСМ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан