• петок, 22 ноември 2024

Спасовски: Има повеќе причини за поразот на СДСМ, ниту еден пратеник од СДСМ нема да го поддржи мнозинството

Спасовски: Има повеќе причини за поразот на СДСМ, ниту еден пратеник од СДСМ нема да го поддржи мнозинството

Скопје, 23 мај 2024 (МИА) - Поранешниот министер за внатрешни работи, а сега избран за пратеник од СДСМ Оливер Спасовски смета дека има повеќе причини за поразот на неговата партија на изборите. Меѓу нив, ги посочи Договорот со Бугарија, но и однесувањето на коалицискиот партнер ДУИ, наспроти состојбите во државата.

-Има повеќе причини за таквиот резултат, но ако треба неколку да одвоиме, тие се самата поставеност на партијата да ги направи најтешките работи за државата да може да чекориме напред, а тоа е Договорот со Бугарија, која беше цело време зборуван од јавноста. Однесувањето на ДУИ визави СДСМ, визави состојбите во државата. Настаните кои ни се случуваа во текот на сите овие години, кадровскиот потенцијал итн, сметам дека има големо влијание, изјави Спасовски за Клик Плус на ТВ 21.

Спасовски вели дека имало прашања за кои се немало согласност со ДУИ, кои не се затвориле, за кои се конфронтирале, но смета дека во Владата и во секоја институција треба да има дебата.

-Тоа што е добро да се прифаќа, тоа што не е да не се прифаќа. Во јавноста перцепцијата е дека се што ќе побара ДУИ, СДСМ го дава. Ќе видиме дали е со причина наметната таа перцепција или нема причина. За жал, политиката е првично перцепција. Без разлика што ќе видите во одлуките. Истата таа тема на која се зборуваше сето она што ќе се побара се добива, еве можност да видиме како ќе се формира новата влада, новата коалиција, да видиме како ќе бидат односите сега меѓу новите коалициски партии. Јас кога зборувам за одговорен пристап, зборувам за пристап кој е важен и полезен за државата, за иднината на државата и за граѓаните. Ако зборуваме за личен интерес, тогаш е многу лесно да излегувате со ставови, изјави Спасовски. 

Поранешниот министер вели дека ниту еден пратеник од СДСМ нема да му даде поддршка на актуелното мнозинство на СДСМ. 

-Убеден сум дека од СДСМ не постои пратеник кој ќе даде поддршка на актуелното мнозинство, рече Спасовски.

Одговарајќи на прашањето дали ќе им бидат вратени пари на граѓаните за менувањето на пасоши со новото име рече дека би поддржал таква одлука ако се донесе во новата влада.

- Тој став на Народниот правобранител е одамна искажан, и ако се сеќаваме и опозицијата го делеше тој став, па еве мегдан сега. Ако се договорат, тогаш јас таа одлука да им бидат вратени пари на граѓаните за пасошите, ќе ја поддржам, рече Спасовски. ев/са/

 

Остани поврзан