• сабота, 11 мај 2024

Спасовски: Во услови на криза мора да се рационализираат сите трошоци

Спасовски: Во услови на криза мора да се рационализираат сите трошоци
Скопје, 28 октомври 2022 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека за службените патувања многу често користи нискобуџетни компании. Во услови на криза, како што рече, мора да се рационализираат сите трошоци, бидејќи тоа се финансиски средства на граѓаните и важно е да се вршат работите, со најмал можен трошок. Запрашан за коментар околу скорешните фотографии по социјалните мрежи од летовите за време на работните патувања во странство од нискобуџетни компании во интеврју за ТВ Канал 5 тој рече дека треба да се користат сите можности за да се одбере најповолната понуда за летање. - Тоа не е ништо чудно, треба да ги користиме сите можности за да одбереме најповолни понуди за летање и во смисла на цена и во смисла на конекција. Многу често ги користам Изиџет, Визер, Рајанер итн., истакна Спасовски. Одлуките кои се донесени од страна на Владата, додаде тој, се однесуваат на заштеди, и за тоа се поднесуваат извештаи. - Има извештаи во кои може да се увидат заштедите, дали е енергетска заштеда или некои други цели коишто ги поставуваме, рече министерот Спасовски.  Министерот за внатрешни работи уште еднаш го осуди нападот на сопственикот на порталот „Буре Весник“ Зоран Божиновски, потенцирајќи дека во државата не смее да биде толериран физички напад врз никого, без разлика дали станува збор за новинар или обичен граѓанин. - Опсежни мерки се преземаат од СВР Битола. Ние извадивме веќе камери од 31 место по трасата на движење на возилото, се преземаат и други криминалистички мерки во делот на истрагата и очекуваме да дојдеме брзо до одговор кој го има сторено тоа, потенцираше Спасовски. Како член на владејачката СДСМ, Спасовски беше прашан дали ќе иницираат средба со парламентарните политички партии имајќи ги предвид уставните измени. - Прво и основно, важно е што се започна целата постапка околу преговорите за членство во ЕУ. Тоа се обврски преземени во име на државата, за доброто и просперитетот на граѓаните. Сигурно е дека треба да се отвори широка дебата помеѓу политичките субјекти, парламентарните партии, па и помеѓу граѓаните ако сакате, поради тоа што станува збор за процес кој треба да биде инклузивен и не смее да биде злоупотребуван за дневнополитички поени или нешто друго. Ако целиот тој процес се отвори биде транспарентен и инклузивен, секој да разговара, да ги изнесеме аргументите на маса - јас сум сериозен оптимист дека навистина може да дојде до затворање на ова прашање и да продолжи патот на Репбулика Северна Макеоднија кон членство во ЕУ. Заради тоа што нема друга алтернатива. Мора да понудиме решение, рече Спасовски. Тој додаде дека и кога ќе се водат разговорите на ниво на политички партии, но и оние во Парламентот, мора да се има аргументација која ќе се спротивстави на аргументацијата  дека земјата мора да стане членка на ЕУ. ев/сп/

Остани поврзан