• понеделник, 04 ноември 2024

ДИК: Досега поднесени 17 приговори за резултатите од парламентарните, за претседателските нема

ДИК: Досега поднесени 17 приговори за резултатите од парламентарните, за претседателските нема

Скопје, 10 мај 2024 (МИА) - До Државната изборна комисија (ДИК) до овој момент пристигнати се 17 приговори кои се однесуваат на постапката за сумирање на резултатите од парламентарните избори, информира за МИА портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска-Алексовска.

-  Приговори за постапка за гласање нема. Приговори за постапката за сумирање на резултатите за парламентарните избори има поднесено од Коалицијата ВЛЕН – 9 и од Коалицијата „Твоја Македонија“ – 8. Приговори за постапката за сумирање на резултатите за претседателските избори досега нема, изјави за МИА портпаролката на ДИК.

Роковите за доставување приговори до ДИК за остварување на избирачко право завршија во 19:00 часот, додека роковите за поднесување приговори за претседателски е до 22:30 часот и до 23:30 часот за парламентарните избори.

ДИК за утре закажа јавна седница за објавување на конечност на резултатите за Претседателски избори.

Доколку по завршувањето на рокот вечерва во 22:30 часот нема приговори ДИК утре ќе го достави извештајот со конечните резултати од претседателските избори до Собранието, а потоа се очекува претседателот на Парламентот, Јован Митрески да ја закаже седницата во недела напладне за инаугурација на новата претседателка Гордана Силјановска Давкова.

На 8 мај во земјава се одржаа двојни избори, вториот круг од претседателските избори на кои победи Гордана Силјановска Давкова и прламентарните избори на кои најмногу мандати освои ВМРО-ДПМНЕ. аа/сст/

Фото: МИА архива

Остани поврзан