Со читање поезија од роднокрајни автори, во Делчево одбележан Светскиот ден на поезијата
- Со читање на поезија од девет роднокрајни автори денеска во Делчево беше одбележан 21 Март, Светскиот ден на поезијата. Настанот беше организиран во заедничка соработка помеѓу Јавната локална библиотека „Илинден“ и деветолетката „Ванчо Прке“.
Делчево, 21 март 2024 (МИА) - Со читање на поезија од девет роднокрајни автори денеска во Делчево беше одбележан 21 Март, Светскиот ден на поезијата. Настанот беше организиран во заедничка соработка помеѓу Јавната локална библиотека „Илинден“ и деветолетката „Ванчо Прке“.
Целта на настанот, како што информираше директорката на библиотеката, Биљана Петровска, е да се даде до знаење дека поезијата не е застарена форма на уметност, а нејзината убавина треба и мора да се негува и чува.
- Во училиштето, учениците читаа поезија од наши роднокрајни автори. Библиотеката од збирките поезија кое се наоѓаат во роднокрајното одделение, избра девет песни од наши роднокрајни автори и тоа: Христина Деолска, Билјана Поповска, Билјана Начовски, Перса Стојчевска Стојановска, Николинка Митрева, Маја Цврдачка, Сабри Демиров, Стеван Спасовски, Киро Филиповски. Со тоа сакаме да покажеме дека поезијата не е застарена форма на уметност, а нејзината убавина треба и мора да ја негуваме и чуваме, рече Петровска.
Светскиот ден на поезијата, како што додадоа од деветолетката, „Ванчо Прке“ е покана да се размислува за моќта на јазикот и целосен развој на креативните способности на секој човек.
- Светскиот ден на поезијата значи поддршка на поезијата, враќање на усната традиција на поетски рецитали, промоција на едукацијата за поезијата, обновување на дијалогот меѓу поезијата и другите уметности (театарот, танцот, музиката, сликарството). Ова беше уште еден убав настан, благодарност до ЈЛБ „Илинден“ и до сите ученици кои прекрасно рецитираа. Се надеваме дека и понатаму ќе имеме добра соработка, додадоа oд ООУ „Ванчо Прке“.
Одлуката 21 Март да се прославува како Светски ден на поезијата како е усвоена во Париз во 1999 година, на 30. сесија на УНЕСКО. Оттогаш денот на поезијата се празнува со книжевни собири низ цел свет и поетите од сите континенти праќаат пораки во чест на стиховното творештво. вс/ар/
Фото: МИА