• петок, 26 април 2024

Со грант од Словенија ќе се постават две фотоволтаични централи во КЈП „Водовод“ - Кочани

Со грант од Словенија ќе се постават две фотоволтаични централи во КЈП „Водовод“ - Кочани

Кочани, 5 јуни 2023 (МИА) – Општина Кочани и КЈП „Водовод“ обезбедија финансиска помош од Република Словенија, во рамки на проектот за намалување на загубите на вода од градската водоводна мрежа и за искористување на сончевата енергија за добивање струја.

Словенечкиот Центар за меѓународна соработка и развој доделува грант од близу 224 илјади евра, што ќе се наменат за санирање на причините за загубите во водоснабдителниот систем и за покривање на дел од трошоците за електрична енергија.

-Вкупната вредност на проектот е околу 448 илјади евра, од кои Република Словенија обезбедува грант во висина од 50 отсто. Предвидено е да се инсталираат две фотоволатични централи, од кои едната со капацитет од 440, а другата од 120 киловатчасови. Дополнително, ќе има и набавка на опрема и едукација на дел од вработените во „Водовод“, истакна Елена Димитровска од Секторот за локален економски развој на Општина Кочани.

Финансиската поддршка што ја обезбедува словенечката влада е наменета за партнерските држави од регионот, со цел за намалување на сиромаштијата, нееднаквоста и влијанието на климатските промени, а е насочена кон одржливо управување со прирордните ресурси и енергијата.

Советот на Општина Кочани веќе даде поддршка на измената во програмата за локален економски развој, со што треба да се обезбедат сопствени средства за кофинансирање во проектот, чија реализација се планира до крајот на оваа година. та/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан