• петок, 05 декември 2025

Со градежна машина се чисти штипската депонија „Трештена скала“

Со градежна машина се чисти штипската депонија „Трештена скала“

Штип, 11 јуни 2025 (МИА) - Почна расчистување на штипската депонија „Трештена скала“, во која отпадот неколку дена гори бидејќи собирачи на железо неовластено влегуваат во неа и го палат сметот. Штипското комунално претпријатие „Исар“ од денеска во функција стави булдожер –гасеничар, кој ќе ја чисти депонијата и ќе го гасне запалениот смет.

Директорот на ЈП „Исар“ Александар Арсовски на денешната прес-конференција рече дека воведена е и 24-часовна стражарска служба со цел да се спречи неовластено влегување и палење на самата депонија. Но, вработените секојдневно добиваат закани по живот од собирачите на железо.

-Во претходниот период ЈП „Исар“ презеде активности во рамки на своите можности и воведе 24-часовна стражарска служба на влезот на градската депонија. Но, и покрај тоа нашите вработени секојдневно се соочуваат со закани по својот живот од луѓе кои неовластено влегуваат во депонијата, Најчесто тие ја палат, со што последици трпат сите граѓани, изјави Арсовски.

Арсовски вели дека податоците покажуваат оти годишно најмалку 20 пожари има на  депонијата, а проблем е што претходните не се гаснеле целесно.

-ЈП „Исар“ набави ново специјализирано возило булдожер - гасеничар кое ќе биде на располагање за уредување и тековно одржување на градската депонија. Во годината ние имаме по 20 пријави за новонастанати пожари, рече Арсовски.

Проблемот со палењето на градската депонија во Штип е децениски и претставува проблем за граѓаните, особено постојаното чадење и загадениот воздух кој го дишат. Комуналното претпријатие „Исар“ и Општина Штип до полицијата имаат доставено докази за неовластено влегување и палење на депонијата „Трештена скала“. Со новата градежна машина која чини околу пет милиони денари ќе се уредува депонијата и нема да се дозволи нејзино палење. вдј/мд/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан