„Чисти и уредни јавни површини — Акција за обележување и отстранување хаварисани возила во Делчево“
- Општина Делчево денеска започна нова акција за уредување на јавните површини на целата општинска територија, со обележување на сите хаварисани, нерегистрирани и нефункционални возила, машини, приклучни возила и земјоделска механизација оставени на јавни простори.
Делчево, 16 декември 2025 (МИА) - Општина Делчево денеска започна нова акција за уредување на јавните површини на целата општинска територија, со обележување на сите хаварисани, нерегистрирани и нефункционални возила, машини, приклучни возила и земјоделска механизација оставени на јавни простори.
Акцијата е дел од континуираните напори на локалната самоуправа за подобрување на урбаниот изглед, зголемување на безбедноста во сообраќајот и обезбедување непречено движење на пешаците и возилата. Од Општината потсетуваат дека јавните површини не смеат да бидат попречувани со објекти кои не учествуваат во сообраќајот и дека нивното паркирање е строго забрането согласно важечките прописи и правила.
Во рамките на акцијата, комуналните служби на Општина Делчево ги обележуваат со лепенки сите нефункционални и хаварисани возила и механизација што се наоѓаат на јавни површини. На сопствениците им се остава временски рок доброволно да ги отстранат, со цел да се избегнат понатамошни законски мерки.
Доколку обележаните предмети не бидат отстранети во предвидениот рок, тие ќе бидат отстранети од страна на надлежните служби на трошок на сопствениците, во согласност со законските надлежности за одржување на јавниот простор.
Од Општина Делчево апелираат до граѓаните за соработка и навремено отстранување на непрописно паркираните и нефункционални возила, со што директно ќе се придонесе кон подобрување на визуелниот изглед и функционалноста на јавните површини, како и кон подигнување на квалитетот на живот во општината.
За дополнителни информации или пријавување на проблеми поврзани со акцијата, граѓаните можат да се обратат во Општинската служба за комунални работи. вс/сст/
Фото: МИА