• сабота, 11 мај 2024

Социо-еколошки форум: Енергетската транзиција да обезбеди заштита на животната средина, но и социјална правда

Социо-еколошки форум: Енергетската транзиција да обезбеди заштита на животната средина, но и социјална правда

Скопје, 11 ноември 2023 (МИА) -  Со панел на тема „Енергетска демократија во нашите градови и заедници“ стартуваше  Третиот форум за социо-еколошка трансформација кој се одржува денеска во Скопје. Учесниците разговараат за можностите, но и предизвиците кои се последица на преминувањето од конвенционален енергетски систем кон систем на чиста енергија.

Во воведните обраќања на Форумот беше посочено дека енергетската транзиција треба да обезбеди заштита на животната средина, но и социјална правда.

Размена Цекиќ Дуровиќ, државен секретар во Министерството за економија рече нашата држава е договорна страна со Европската енергетска заедница и во овој период го усвои Патоказот за праведна енергетска транзиција и донесе одлука за формирање на Совет за праведна енергетска транзиција.
 
-Имаме донесена Национална Стратегија и национален Акциски план. Како држава мораме да ги следиме европските насоки и стратешките документи да ги услогласуваме согласно европското законодавство, рече Цекиќ.

Горан Герасимовски, градоначалник на Општина Центар рече дека е горд што Општина Центар го носи духот на иновациите и примената на најефикасните технологии и што на негова иницијатива ја основа „Енергија Центар“, претпријатие кое ќе носи голем бенефит за многу генерации по нас, а со тоа ќе ја промовира Општина центар како прва енергетски независна општина во државата.

-Со реализацијата на овој проект, општината ќе биде електро-енергетски независна и самоодржлива и во нејзиниот развој ќе се користат природните ресурси и потенцијали. Додека заштедите од пониските сметки и средствата од продажбата на вишоците електрична енергија ќе ги искористиме за нови енергетски фасади, поголемо зеленило, инфраструктурни решенија и проекти кои ќе им бидат од корист на граѓаните, рече Герасимовски.
 
Тој посочи дека Општина Центар преку „Енергија Центар“ може да инсталира централи со вкупна максимална инсталирана моќност од 2,44 мегавата, вкупната инвестиција за инсталирање би изнесувала околу 1.755.000 евра со поврат на инвестиција за околу 4,5 години.

Директорот на Прогрес - Институтот за социјална демократија Сашо Додовски истакна дека во изминатите две години со организирање на двата социо-еколошки форуми е направен сериозен исчекор затоа што на едно место се собираат стручни луѓе што дава максимален придонес кон придонесување за социо-еколошка трансформација. 

 -Северна Македонија е лидер во овие процеси и се направија успешни чекори на енергетска трансформација што ќе придонесе за зачувување на животната средина, рече Додовски.
 
Заменик - градоначалничката на Јастребарско Р. Хрватска, пак, зборуваше за позитивните примери во нејзината општина со кои се штеди електрична енергија а со тоа се намалуваат јаглеродните емисии. Таа истакна дека во Јастребарско е инсталиран нов смарт систем за ули;но осветлување кој е од обновливи извори на еneргија, со кој се прават и заштеди и се намалува загадувањето на животната средина.
 
Јонас Андерсон од Меѓународен центар „Олоф Палме“ потенцираше дека социо-еколошката транзиција претставува предизвик со кој сите ние се соочуваме и истакна дека никој од нас не може да направи сѐ, но сите може да имаме удел, бидејќи климатската транзиција е најважниот предизвик на нашата и на следните генерации.
 љм/бд/

Фото: Општина Центар

Остани поврзан